Конева: Ако влеземе во ритам, резултатот ќе дојде сам по себе

134

Овој викенд ќе се одиграат натпреварите од 9. коло од Првата лига во женска конкуренција.

Екипата на Овче Поле Славјански Универзитет на свој терен ќе ја пречека Стружанка и ќе се обиде да дојде до петтата сезонска победа.

Овие две екипи се сретнаа во 2. коло, а тогаш во Струга победи тимот од Свети Николе со седум гола разлика, 33:26.

Членката на Овче Поле Славјански Универзитет, Јована Конева, се надева на победа на утрешниот меч.

„Ја пречекуваме екипата на Стружанка и секогаш подобро е кога играш на свој терен, пред својата публика. Секако дека се подготвуваме за победа, тренираме и ќе дадеме сè од себе. Напорно работиме и верувам дека можеме да ги освоиме бодовите.“

Конева нагласува дека Стружанка во никој случај не е за потценување.

„Стружанка не е екипа што треба да се потцени. Сметам дека доколку влеземе во вистински ритам и го одиграме тоа што го имаме договорено, позитивниот резултат ќе си дојде сам по себе.“

Овче Поле Славјански Универзитет во минатото коло несреќно загуби од Ѓорче Петров 2, а Конева истакнува дека нејзиниот тим, кој моментално е на третото место, има квалитет за подобри резултати.

„Дефинитивно како екипа не се покажавме во најдобро светло. Сработивме многу, но не покажавме доволно на терен. Верувам дека имаме квалитет и навистина сакам да покажеме повеќе од досега одиграното.“

Таа упати порака до сите ракометни љубители во Свети Николе и ги повика да бидат нивниот осми играч.

„Дојдете, поддржете нè, бидете нашиот осми играч. Заедно за победа, заедно за Овче Поле, заедно за нашето Свети Николе!“

Натпреварот меѓу Овче Поле Славјански Универзитет и Стружанка ќе се одигра утре во спортската сала „Цар Самоил“ со почеток од 19:30 часот.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT