Станчева: Со поддршка од публиката до петта победа

65

Овој викенд ќе се одиграат натпреварите од 9. коло од Првата лига во женска конкуренција.

Екипата на Овче Поле Славјански Универзитет на свој терен ќе ја пречека Стружанка и ќе се обиде да дојде до петтата сезонска победа.

Овие две екипи се сретнаа во 2. коло, а тогаш во Струга победи тимот од Свети Николе со седум гола разлика, 33:26.

Голманката на Овче Поле Славјански Универзитет, Ивана Станчева, ги истакна очекувањата за утрешниот натпревар.

„Очекувам квалитетен натпревар. Играме пред нашата публика, што секогаш ни дава дополнителна сигурност. Напорно тренираме и се подготвуваме, очекуваме добра игра и секако – петта сезонска победа. Пресудно ќе биде да ја контролираме играта и да не дозволиме падови во делови од натпреварот, што ни се случи во неколку претходни натпревари. Ја познаваме екипата на Стружанка, знаеме како играат и што можат. На првиот дуел одигравме паметно, но тоа ништо не значи за утрешниот натпревар. Мора да влеземе со исто внимание и дисциплина.“

Во минатото коло, ракометарките на Овче Поле Славјански Универзитет несреќно загубија од Ѓорче Петров 2, но тој пораз е веќе минато.

„Фактот што сме меѓу најдобрите три екипи ни дава дополнителен мотив да продолжиме уште посилно. Секако, имаше натпревари каде можевме подобро да реагираме, особено двата порази во кои во одредени моменти ја изгубивме контролата врз играта. Исто така, на последниот натпревар имаше неколку судиски одлуки што според нас отидоа во корист на противникот, што дополнително го отежна резултатот. Но, тоа е дел од спортот, гледаме напред и се обидуваме да учиме од секое искуство.“

Станчева се надева на голема поддршка од трибините на утрешното соочување со стружанки.

„Навивачите секогаш ни даваат дополнителна енергија, особено на домашен терен. Би сакала да ги поканам да дојдат во што поголем број и да не поддржат. Им ветуваме борбена и посветена игра, со цел заедно да се радуваме на нова победа.“

Натпреварот меѓу Овче Поле Славјански Универзитет и Стружанка ќе се одигра утре во спортската сала „Цар Самоил“ со почеток од 19:30 часот.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT