Амбициозниот прволигаш Младост од Богданци го доби и третото дерби во прволигашката конкуренција, славеше над Драчево Јуниор со 38:26 во рамките на 10. коло.
Избраниците на Горан Андоновски сега имаат биланс од девет победи на девет натпревари, односно максимални 18 бода на своето конто.
Ракометарите на Младост претходно славеа и во дерби дуелите против Мулти Есенс и Вардар Неготино. Драчево Јуниор останува на 14 бода, исто толку имат и Вардар Неготино и Мулти Есенс, кој утре ќе игра против Партизан Гевгелија.
Гостинскиот тим само во три наврати успеа да го израмни резултатот (1:1, 2:2, 7:7). Сè останато мина во знакот на домаќинот, кој имаше поквалитетна реализација, поцврста одбрана, а на голот Кристијан Костадиновски бранеше кога беше најпотребно.
Драчево Јуниор некако се држеше во првиот дел, но Младост на полувреме замина со предност од 16:12. Во второто полувреме целосно се распадна играта на гостинскиот тим, па така домаќините ги казнуваа грешките на ривалот и дојдоа до најлесната победа во третото прволигашко дерби.
Предводник во нападот на победничкиот тим беше Даниел Андоновски со 11 погодоци, Зоран Стојановски додаде девет, седум реализации имаше Лазар Адамовиќ, а пет пати погоди Душан Каркалашев. Кај гостите, Ѓорѓи Дука беше прв стрелец со четири погодоци.