Ракометарите на Тиквеш со пресврт славеа против Пролет со 21:18 и дојдоа до петтата победа во низа во суперлигашкото друштво.
Кавадарчани на 12 натпревари остварија седум победи и сега имаат 14 бода, а со денешниот триумф над незгодниот скопски тим направија голем исчекор кон пласман во плеј-оф фазата.
Тиквеш добро тргна, водеше до половината на првиот дел, потоа гостите ја презедоа иницијативата, но без голема комоција во играта, двете страни грешеа, па така Пролет на полувреме замина со минимална предност од 9:7.
Избраниците на Кристијан Грчевски се разбудија во вториот дел, се вратија во игра и во периодот од 40 минута, па до крајот, беа подобриот противник на теренот.
Најефикасни во победничката екипа беа Богдан Мијушковиќ и Димитар Коцев со по шест погодоци, додека четири постигна Мартин Димовски.
На голот на Тиквеш, Василије Печурица се покажа во солидно светло и успеа да им фати десет удари на гостите.
Кај Пролет, Давор Палевски отскокна со пет погодоци, а голманот Бојан Солев, исто така имаше десет интервенции.
Супер машка лига, 12. коло, резултати:
Тиквеш – Пролет 21:18 (7:9)
Еурофарм Пелистер 2 – Прилеп 31:28 (13:11)
Радовиш – Куманово 19:30 (8:15)
Еурофарм Пелистер – Бутел 31:21 (16:10)
Вардар – Струга 23:15 (16:9)
Охрид – Алкалоид 28:24 (17:11)