Еден од најдобрите играчи во македонската Супер лига, членот на Вардар, Дмитро Хориха, кој пред извесен период доби македонски пасош, е чекор поблиску до настап за „црвено-жолтите“.
Хориха за „МакСпорт“ потврди дека веќе разговарал со селекторот на репрезентацијата, Кирил Лазаров, а плановите се од април 2026 година да го облече македонскиот дрес.
За да може да стане дел од македонската репрезентација, украинскиот ракометар треба 36 последователни месеци да живее во Македонија и да поминат три години од неговиот последен настап за националниот тим на Украина.
Левиот бек ги исполнува овие услови во април 2026 година, што значи дека од тој момент ќе има право официјално да го носи дресот на Македонија.
Да, секако, сакам да играм за репрезентацијата. Тоа беше еден од условите за да го добијам пасошот. Веќе разговарав со селекторот и сѐ е одлично! Трите години пауза завршуваат во април 2026. Потоа сум подготвен “, изјави Хориха за МакСпорт.
Според МакСпорт, се прават напори Хориха да го облече македонскиот дрес уште во јануари на Европското првенство.