Најтрофејниот кошаркарски клуб од Македонија, Работнички, наскоро ќе игра во целосно обновената сала „Градски парк“.
Како што објави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, реконструкцијата влегува во финална фаза и објектот ќе биде подготвен според највисоките ФИБА стандарди.
Работите интензивно се привршуваат, се поставува нов паркет кој треба да биде готов најдоцна следната недела, а во тек е инсталацијата на современи семафори, ново осветлување и озвучување.
Реновираната сала ќе биде целосно енергетски ефикасна, опремена со подно греење, модерни системи за ладење и вентилација, како и сосема нови трибини во препознатливите црвено-бели бои на клубот.
Герасимовски нагласи дека оваа реконструкција претставува ново поглавје за најтрофејниот македонски клуб.
На денешната обиколка, заедно со градоначалникот присуствуваа и кошаркарските легенди Митко Луковски и Огњан Герасимовски.
