Младинците на Куманово славеа кај Алкалоид, Костов го водеше Пролет до победа против Бутел

249

Изминатиот викенд се одиграа натпреварите од 11. коло од младинската лига во машка конкуренција, а најинтересно беше на две средби (Алкалоид – Куманово и Бутел – Пролет).

Куманово на гостувањето во Автокоманда кај Алкалоид славеше со 33:32 (15:13), а голот за победа на гостите го постигна Тино Стојановски од седмерец.

Токму Тино Стојановски беше најефикасен на натпреварот со 14 погодоци, од кои десет беа од седмерец, а поддршка имаше од Христијан Вујичевски и Владимир Мицевски со по седум погодоци. Во поразениот табор, Максим Гарбески беше прв стрелец со седум реализации.

За Куманово ова беше шеста сезонска победа, а со освоените два бода се позиционираше на 5. место на табелата.

Од клубот по освоената победа истакнаа дека се горди на своите надежи.

,,Триумфот уште еднаш е показател дека како МРК Куманово внимаваме на својата ракометна иднина со нашата квалитетна работа и посветеност во младинските категории”.

Во младинската градска пресметка меѓу Бутел и Пролет, повеќе среќа имаа избраниците на Игор Илиевски, кои триумфираа со 33:32 (15:16), радувајќи се на седмата сезонска победа.

Клучно за победата на Пролет беше периодот од 50. до 60. минута, кога од 30:28 за Бутел, гостите, пред се благодарение на одличната одбрана, го свртеа резултатот во своја полза. Со двата гола на Костов поведоа со 31:33, пред Бутел во самиот финиш да ги постави конечните 32:33.

ФОТО: РК Пролет

Трајче Костов беше најекспониран во таборот на Пролет со 11 погодоци, Димитар Симовски имаше седум, а Горазд Дамчевски додаде четири. Кај Бутел се истакнаа Давид Јаневски со девет и Стефан Зенговски со седум погодоци.

На победа во 11. коло се радуваше и Еурофарм Пелистер 2, кој триумфираше против Тиквеш со 34:23 (17:12). Алдин Фехми и Лука Ѓоргиевски со по седум погодоци беа најефикасни во победничкиот табор, додека кај кавадарчани се истакна Мики Лазов со седум реализации. Тимот на Еурофарм Пелистер 2 останува на лидерската позиција на табелата.

Актуелниот шампион, Мулти Есенс, на гостувањето кај Еурофарм Пелистер дојде до убедлив триумф од 34:23 (17:11). Кај гостите повеќе играчи беа расположени за игра, а прво име беше Христијан Гурмешевиќ со шест погодоци. Кај домаќините отскокна Тео Спировски со осум успешни реализации.

Вардар немаше проблеми против Вардар Неготино, триумфирајќи со 32:15 (8:7). Кај гостите сите играчи беа расположени, а најефикасен беше Иван Ќурчиев со шест погодоци. Јован Јовановски со седум погодоци беше најдобар во поразениот табор.

Машка младинска лига, 11. коло, резултати:
Вардар Неготино – Вардар 15:32 (7:8)
Бутел – Пролет 32:33 (16:15)
Еурофарм Пелистер 2 – Тиквеш 34:23 (17:12)
Алкалоид – Куманово 32:33 (13:15)
Еурофарм Пелистер – Мулти Есенс 23:34 (11:17)

ТАБЕЛА

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT