Со натпреварот меѓу Атлетик и Стружанка беше комплетирано 11. коло во Првата лига во женска конкуренција, а членката на Овче Поле Славјански Универзитет, Анастасија Сентовска, и понатаму останува на лидерското место на листата на стрелците.
Сентовска, која игра одлично во досегашниот тек од сезоната, на десет натпревари има постигнато 98 погодоци, што е просек од 9,8 по натпревар. На второто место на листата на стрелци се наоѓа Алтина Хасани од Јехона, младата и талентирана ракометарка зад своето име има запишано 58 погодоци.
Анастасија Јованоска од Деспина е на третата позиција со 57, а Елена Вучевска од Овче Поле Славјански Универзитет и Марија Димоска од Ѓорче Петров 2 имаат постигнато по 54 погодоци. Шестото место го делат Моника Босилковска од новакот Атлетик и Кристина Наумовска од Ѓорче Петров 2 со по 52 погодоци, додека искусната и поранешна репрезентативка Мери Гичева од Деспина на шест натпревари успеа да има 46 реализации во мрежата на ривалите.
По Гичева следуваат Јована Ангеловска (Овче Поле Славјански Универзитет) и Маја Раткушиноска (Стружанка), двете со по 41 погодок.
Маја Ристеска (Деспина), Јована Конева (Овче Поле Славјански Универзитет), Јана Петреска (Стружанка), Магдалена Ѓорѓиоска (Деспина) и Еџе Сејадин (Стружанка) го затвораат кругот на ракометарки со над 30 реализации. Ристеска е на 36, Петреска, Конева и Ѓорѓиоска имаат по 33, а Сејадин 32.
До крајот на годината, ќе се одиграат уште две кола, потоа со натпреварите ќе се продолжи кон средината на месец февруари.