Возбудливо на два натпревари кај младинците: Еурофарм Пелистер со пресврт до победа над Тиквеш, Пролет ја освои Автокоманда

199

Со денешниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Вардар Неготино ќе биде комплетирано 13. коло во младинската лига во машка конкуренција, а во текот на вчерашниот ден беа одиграни четири натпревари. Возбудливо беше на две средби. Еурофарм Пелистер пред својата публика славеше над Тиквеш со 35:34, а голот за победа на домаќините беше дело на Андреј Георгиев.

Иако гостите имаа напад за барем бод, кога најмногу требаше погрешија. По грешката на Тиквеш, Јован Мацанковски веднаш го пронајде Георгиев, кој успеа да го совлада противничкиот голман, потоа  останаа уште десетина секунди, во кои гостите не успеаја да си заминат со бод од тешкото гостување.

Најефикасни во победничкиот табор беа Тео Спировски и Стефан Василевски со по десет погодоци, седум постигна Андреј Георгиев, а на голот солиден беше Јован Мацанковски. Кај Тиквеш, Матеј Петрески беше најефикасен со седум погодоци.

Предводен од кадетскиот репрезентативец Горазд Дамчевски, Пролет на гостувањето во Автокоманда кај Алкалоид ги освои бодовите, откако триумфираше со 37:36. За Пролет ова беше седма победа по ред, односно деветта во тековната сезона. Избраниците на Игор Илиевски веќе одамна имаат обезбедено пласман во плеј-офот.

Во возбудлив натпревар, во кој двете екипи имаа свои моменти, гостите подобро се снајдоа во финишот. Домаќините имаа околу десетина секунди за да освојат бод, но не успеаја да организираат добра акција. Горазд Дамчевски беше шутерски расположен, постигнувајќи 13 погодоци, седум имаше Димитар Симовски, а по шест пати погодија Ѓорѓи Лешниковски и Лука Јовиќ. Максим Гарбески и Андреј Ѓорѓески, двајцата со по осум погодоци, беа најефикасни во домашниот табор.

На победаво 13. коло се радуваше и Бутел, кој триумфираше над Вардар, додека актуелниот шампион Мулти Есенс немаше поголеми проблеми против Куманово.

Алкалоид – Пролет 36:37 (16:12)
Максим Гарбески и Андреј Ѓорѓески 8/Горазд Дамчевски 13
Бутел – Вардар 38:30 (17:17)
Марко Каевски 11/Христијан Ристов и Огнен Тасевски 6
Мулти Есенс – Куманово 47:24 (24:13)
Бобан Поповски 9/Тино Стојановски 7
Еурофарм Пелистер – Тиквеш 35:34 (18:20)
Тео Спировски и Стефан Василевски 10/Матеј Петрески 7
18/12, 17:30, Еурофарм Пелистер 2 – Вардар Неготино

ТАБЕЛА

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT