Еден од суперлигашките тимови кои напролет ќе се борат за опстанок во најквалитетното ракометно натпреварување во Македонија, Куманово, најверојатно во вториот дел од натпреварувачката сезона ќе има нов тренер, дознава Спортска Димензија.
Куманово од месец октомври е предводен од Љубиша Димковски, кој го презеде кормилото на клубот по оставката на Аце Станковски. Клубот сега е целосно насочен кон задржување на суперлигашкиот статус и подобри изданија во пролетниот дел од сезоната, а не е исклучено да има и мали промени во играчкиот ростер.
Пред крајот на есенскиот дел, Куманово ја прекина соработката со средниот бек Лука Матачиќ и десениот бек Гиљерме Да Силва Фернандеш.
Во ракометните кулоари низ Европа се шпекулира дека унгарскиот гигант Веспрем се вклучува во трката за вардарецот Дмитро Горига. Украинецот со македонски пасош играше во одлична форма во првиот дел од сезоната, а имаше и одлични настапи во групната фаза од Лигата на Европа. Според „RTHandball“, Горига е на радарот и на бундеслигашот Фуксе Берлин. Актуелниот договор на левиот бек со македонскиот вицепрвак истекува на крајот од оваа сезона.
Охриѓанецот Михаил Иваноски кариерата ќе ја продолжи во Словенија, поточно во Ајдовшчина, клуб кој за тренер го ангажираше македонскиот стратег Раде Стојановиќ, пишува 24Ракомет. Иваноски летово се врати од позајмица од српската Дубочица во Алкалоид, но не доби голема минутажа, па трансферот во словенечкиот второлигаш доаѓа како логичен чекор во потрага по поголема улога на терените.