Судбоносно „ДА“ на 2.601 метар – Петровски ја запроси Мишела на Пелистер
Поранешниот младински ракометен репрезентативец на Македонија, Дарио Петровски, го направи еден од најважните животни чекори на несекојдневна локација – на врвот на Пелистер, на 2.601 метар надморска височина.
Во рамките на традиционалниот планинарски настан „Први на Први“, во организација на планинарите од Битола, Петровски ја запроси својата долгогодишна партнерка Мишела Панајотова, која без двоумење го изговори судбоносното „ДА“.
Романтичниот момент се случи на изгрејсонце, на првото утро од новата година, во екстремни услови и температури кои се спуштаа до минус 30 степени, на еден од најубавите планински врвови во Македонија.
Петровски моментално настапува во Германија, а во својата интернационална кариера има играно во БиХ, Италија и Шпанија. На домашна сцена настапуваше за првиот и вториот тим на Еурофарм Пелистер, како и за Струга.