Вицешампионот на Македонија, Пелистер, денеска ќе ја стартува авантурата во АБА 2 лигата, во која македонски претставници се уште МЗТ Скопје и Работнички. Битолчани во првото коло ќе се соочат со тимот на Широки Бријег, а денешниот дуел ќе го одиграат пред својата публика во спортската сала „Боро Чурлевски“.
„Имаме квалитетна екипа, имаме одлична атмосфера и верувам дека уште повеќе ќе напредуваме како што ќе минува времето, но не криеме дека сакаме барем еден трофеј. Секое натпреварување е значајно, Пелистер четврта сезона е во АБА2, но форматот е нов и поразличен од минатото, прва цел ни е да ја минеме првата фаза, а потоа и да се бориме за што подобар пласман. Ќе одиме на трофеј во сите натпреварувања, ќе видиме до каде ќе дотуркаме на крајот од сезоната, но мислам дека постојат предуслови за врвни резултати. Она што можам да го кажам е дека ќе играме убава кошарка за око како што беше случај и на овие подготовки, сигурно ќе бидеме конкурентни за освојувње на трофеите, а за пехарите ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Во АБА2 секако имаме поголема конкуренција, но она што можам да го ветам дека нема да бидеме во подредена улога против ниту еден ривал, подготвени сме за да одиме на победа на секој натпревар“, изјави тренерот на Пелистер, Александар Петровиќ.
Пелистерци по поразот од МЗТ Скопје во Супер Купот ќе посакуваат рехабилитација против босанскиот тим. Натпреварот ќе стартува во 18:00 часот, а картите, кои ќе се продаваат во Тобако Зикс (кај гроздот), како и на билетарата во салата, се по цена од 200 денари.