Отпадна уште еден ракометар пред ЕП, Охрид се раздели со Орјоникидзе, кадетите повторно убедливи против Црна Гора

218

Европското ракометно првенство 2026 стартува на 15 јануари, а дел од репрезентациите открија со кој состав ќе настапуваат на континенталниит собир. Селекторот на Македонија, Кирил Лазаров, имаше тешка задача при правењето рез, па така дома ќе остане средниот бек Мартин Ивановски, како и Томислав Јагуриновски, кој го пропушта Европското првенство поради повреда. Останатите 19 ракометари ќе настапат на пријателските дуели во швајцарскиот град Винтертур, како и на контролниот натпревар против Митјиланд, кој ќе биде последна проверка пред стартот на Европското првенство. Прв предизвик за нашата репрезентација на Европското првенство ќе биде Данска, потоа следува дуелот со Португалија, а групната фаза ја затвораме против незгодната селекција на Романија. Најдобрите две репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во главната фаза.

Амбициозниот Охрид денеска објави дека репрезентативецот на Грузија, Теимураз Орјоникидзе, повеќе не е дел од „гладијаторите“. Иако левиот бек имаше договор со македонскиот суперлигаш до јуни, двете страни одлучија секој да продолжи по својот пат. Искусниот ракометар, кој во изминатите две сезони беше меѓу најдобрите стрелци во тимот, поради повредата здобиена за време на репрезентативен настап во мај не успеа да се врати во полн тренажен процес.

Кадетската репрезентација на Македонија и на втората контролка против Црна Гора покажа одлична игра, славејќи победа од 31:24. Во првиот контролен натпревар македонските кадети триумфираа поубедливо со 36:21. За овој дел од подготовките, селекторот Горан Кузманоски имаше можност да испроба нови адути, со оглед на тоа што недостасуваа неколку ракометари кои настапија на квалификациите за пласман на Европското првенство 2026 и на ЕМОФ. Најефикасен на денешниот натпревар беше Стефан Ѓеоргиески со девет погодоци. Пријателските дуели со Црна Гора беа дел од подготовките за настапот на кадетскиот континентален собир во Србија, како и за Медитеранските игри.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT