Прво големо учество на Македонија – ЕП 1998 со Стефановски, Манасков, Јовиќ, Алушовски, Новокмет, Марковски…

395

Машката ракометна репрезентација на Македонија на претстојното Европско првенство, кое ќе се одржи во Данска, Норвешка и Шведска, ќе го има своето деветто учество на континенталните собири, односно осмо во низа.

Нашата репрезентација од 2012 година редовно учествува на Европските првенства, а првото учество го забележа во далечната 1998 година во Италија. Македонија на деби настапот на големите натпреварувања се најде во исклучително тешка група, во која за ривали ги имаше селекциите на Русија, Шпанија, Хрватска, Унгарија и Чешка.

Нашата репрезентација настапот го заврши на 12. место, со биланс од едно реми и пет порази. Единствениот бод беше освоен во натпреварот против тогашната силна репрезентација на Русија (26:26), одигран во рамките на второто коло. Русија на тоа ЕП ја бранеше титулата освоена од 1996, но не успеа во посакуваната цел.

За разлика од денешниот формат, Европските првенства во периодот од 1994 до 1998 година се играа во летниот период, односно во месеците мај и јуни и со само 12 репрезентации.

Македонија во италијанскиот град Мерано од клупата беше предводена од селекторот Ванчо Јовановски,  кој во Италија ги имаше на располагање: Стевче Стефановски, Данило Брестовац, Шандор Ходик, Пепи Манасков, Горан Андоновски, Томе Петрески, Стевче Алушовски, Игор Котевски, Александар Јовиќ, Иван Марковски, Слободан Николиќ, Урош Мандиќ, Душан Новокмет, Кире Поповски, Александар Зарков и Драган Богдановиќ.

На Европското првенство во 1998 година нов европски владетел стана репрезентацијата на Шведска, која се искачи на пиедесталот откако во финалето ја совлада Шпанија со 25:23, додека Германија, со победата над Русија од 30:28, го освои бронзениот медал.

 

SPORT