Поранешната ракометарка на Кометал ЃП, Андријана Будимир, која во текот на својата богата кариера настапуваше и за Шлагелсе, Подравка, Валенсија…во интервју за српскиот „Мондо Спорт“ зборуваше за состојбата во женскиот ракомет во Србија, за потенцијалот на ЖРК Војводина со која стана есенски шампион во тамошната Втора лига, за титулата со Кометал ЃП, како и за други теми од ракометот.
Една од темите на разговор беше и Светското првенство во 2003 година во Хрватска, на кое тогашната репрезентација на Србија и Црна Гора во групната фаза за еден од ривалите ги имаше токму домаќинките.
Во тој период на просторот на поранешна Југославија сè уште беше присутен изразен национализам како последица од воените случувања во 90-те години.
Србија и Црна Гора во тој дуел во Сплит славеше со 28:24, а настапот на Мундијалот го заврши на 9. позиција.
„Имаше една навистина лоша ситуација во Сплит. Таа година (2003) игравме Светско првенство во Хрватска. Осум репрезентативки на Хрватска беа мои соиграчки во клубот (Подравка). При поздравувањето пред да стартува натпреварот, пет од нив не се поздравија со мене. Тогаш им реков: ‘Нормални ли сте? За две недели се враќам во клубот!…До тој момент никогаш не носев никакви обележја – Србија, Југославија, апсолутно ништо, а по тоа Светско првенство на тренинг појдов целосно облечена со обележја. Тоа беше некое мое незадоволство. Јас сум нивен соиграч и апсолутно е небитно за која репрезентација играм, дури и да играм за Индија, а небитно е навистина, бидејќи со нив бев по двапати дневно, а да не се поздравиш со мене само затоа што сум Србинка, тоа ми е навистина смешно.“
Будимир со Кометал Ѓорче Петров ја освои титулата во Лигата на шампионите во сезона 2001/02, а со Шлагелсе во сезона 2004/05.
Својата тренерска кариера ја започна во Академијата на Вардар, потоа ги водеше РК и ЖРК Скопје, како и младинските екипи на овие клубови, а ќе остане запаметена како првата дама која со тимот на Скопје ја освои Првата лига во сезона 2020/21.
За оваа сезона реши да ја прифати понудата од ЖРК Војводина и успешно го предводи клубот од Нови Сад.