Криза во мак-ракометот: Исплати нема, играчите во неизвесност!

997

Поголемиот број од ракометните суперлигашки и прволигаши наскоро треба да ги започнат подготовките за вториот дел од тековната сезона, но неколку од нив се соочуваат со сериозни проблеми.

Проблемот не е непознаница – се работи за финансии. Бидејќи ваучерите сè уште не се пристигнати, доцнат платите, а некои клубови должат и по три-четири месеци, па дел од играчите веќе размислуваат да побараат нова средина.

Ракометниот портал „24Ракомет“ денеска објави текст за проблемите во Тиквеш, клуб кој пред неколку сезони знаеше рамноправно да им парира на големите, но и да направи по некоја сензација.

Според објавата на споменатиот медиум, од кавадаречкиот клуб си заминуваат Мартин Манасков, Џулијано Христоски и МВП од кадетскиот Ф4 (2022) Петар Цветковски, како и двајца странци – десниот бек Мохамед Ахмед и кружниот напаѓач Гиорги Гришикашвили.

Извори од еден суперлигаш брифираат дека постои опција клубот во продолжението од сезоната да се потпре исклучиво на млади сили, со оглед на тоа што тоа е и неговата финансиска и играчка моќ. Прволигашките клубови пак, не можат да се потпрат ниту на буџетите што ги добиваат од градот и помалите спонзори, поради што финансиската нестабилност станува сè поизразена.

Македонија оваа сезона има(ше) дури шест претставници во Европа, а многу ракометни стручнаци ја сметаат нашата Супер лигата за најквалитетна на Балканот.

Ни во женскиот клупски ракомет ситуацијата не е идеална, и таму неколку клубови повеќе месеци доцнат со исплати, додека приватните ракометни школи едвај „врзуваат крај со крај“, бидејќи општествените компании ретко имаат слух за поддршка на најмладите категории.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT