Машката ракометна репрезентација на Македонија на последниот натпревар на турнирот во Винтертур одигра храбро против домаќинот Швајцарија. Иако губеше во поголемиот дел од натпреварот, нашите ракометари се вратија кога најмногу требаше и се изборија за реми, 29:29.
Македонија претходно забележа победи над Бахреин и Украина, кои денеска играа за третото место, а во тој дуел славеа Украинците. Швајцарија, пак, поради подобрата гол-разлика го освои трофејот на „Жолтиот куп“.
Домаќините имаа подобар старт и беа поконкурентен ривал во првите 30 минути. На полувремето резултатот беше 18:13 во корист на Швајцарија. Во вториот дел избраниците на Лазаров ја подобрија играта, особено во одбраната, што им овозможи да се вратат во мечот.
Во еден момент Македонија и поведе и имаше можност за предност од два гола, но Швајцарија не го дозволи тоа и драмата продолжи до самиот крај. Голот за реми го постигна Марко Митев во последните секунди од натпреварот.
За МВП на турнирот беше прогласен ФИЛИП КУЗМАНОВСКИ.
Македонија утре патува за Данска, каде што пред настапот на Европското првенство ќе одигра контролен натпревар со Митјиланд. Континенталниот собир стартува на 15 јануари, а нашите ракометари првиот натпревар ќе го одиграат на 16 јануари против Данска.
Освен Данска, ривали на Македонија во групната фаза ќе бидат и Португалија и Романија.