„Играме најбрз ракомет во Македонија, знаењето на Лазаров е извонредно“

73

Утре стартува Европското ракометно првенство, на кое ко-организатори се Данска, Норвешка и Шведска. Еден од учесниците на континенталниот собир е и репрезентацијата на Србија, која од клупата ќе биде предводена од поранешниот македонски селектор и екс тренер на Вардар, Раул Гонзалез.

Србија се наоѓа во тешка група, во која за ривали во групната фаза ќе ги има репрезентациите на Шпанија, Австрија и еден од главните фаворити за висок пласман – Германија. Во составот на српската репрезентација ќе настапи и поранешниот член на Еурофарм Пелистер, а сегашен ракометар на Алкалоид, Урош Борзаш.

Во интервју за „Mozzart Sport“ тој зборуваше на повеќе теми, а една од нив беше и неговиот престој во Автокоманда.

„Ја отворив сезоната на најдобар можен начин, можеби не тимски, бидејќи загубивме неколку натпревари што можевме да ги добиеме, но од личен аспект мислам дека бев стабилен. Тоа не се натпревари на кои постигнуваш по 10 гола, но се трудев да преземам поголема одговорност, да придонесам за екипата и да ја чекам својата шанса во текот на играта, да не брзам, да не правам почетнички грешки и да бидам подобар во одбраната“, изјави Борзаш.

Тој посебно се осврна и на соработката со тренерот Кирил Лазаров.

„Лазаров е човекот кој е најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампионите. Навистина ми е чест и задоволство што имам можност да работам со него, бидејќи знаењето што го поседува и начинот на кој го пренесува е навистина извонреден. Се обидувам да апсорбирам што е можно повеќе. Тренинзите се навистина силни. За жал, не настапуваме во Европа, но и тоа може да се гледа како позитивна работа. Се трудиме да го искористиме секој момент за напредок, како тимски, така и индивидуално. Може да се забележи дека сме физички одлично подготвена екипа. Играме најбрз ракомет во Македонија, трчаме повеќе од сите, а токму на тоа инсистира тренерот Лазаров“, додаде српскиот репрезентативец.

Борзаш и репрезенаттивните играчи настапот на ЕП го стартуваат токму утре, со дуел против Шпанија.

 

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT