Еден од тимовите кои ќе се бори за опстанок во Супер лигата, Куманово, вчера ги стартуваше подготовките за вториот дел од сезоната, во која ќе се обиде да го сочува суперлигашкиот статус.
Новиот тренер на Куманово, Александар Радосављевиќ, изрази задоволство што е дел од македонскиот суперлигаш, а визијата и стратегијата на клубот е она што најмногу му се допаднало.
„Нашата прва цел ќе биде да обезбедиме опстанок и да ги афирмираме младите играчи кои се дел од нашата екипа и кои треба да бидат темел на нашиот тим. Токму поради тоа, мене како тренер најмногу ме привлече да дојдам да работам во Куманово визијата и стратегијата на управата на клубот – да ги афирмираме младите македонски играчи и еден ден тие да бидат дел од репрезентацијата на Македонија“, рече новиот тренер на Куманово.
Ракометарите на Куманово есенскиот дел од Супер лигата со завршија со биланс од 3 победи, едно реми и 14 порази, односно седум бода на свое конто.
Во Куманово се приклучи Олег Јорданов, додека соработката беше прекината со Христијан Михајловски, Стефан Лазаревски и Огњен Радојичиќ, а пред да заврши есенскиот дел и со Лука Матачиќ и Гиљерме Фернандеш, а во текот на првиот дел си замина и Виктор Трифуновски.