Машката ракометна репрезентација на Македонија со голот на Ненад Костески ја победи Романија, 24:23, во последното коло од групната фаза на Европското првенство, кое се одржува во Данска, Норвешка и Шведска.
За пласман во главната фаза, односно во ТОП 12, ни треба чудо – победа на Данска против Португалија со 18 голови разлика.
Селекторот Кирил Лазаров по остварената победа на Романија изјави:
„Видовте дека Романија е цврста репрезентација. Малку ми е жал, затоа што почнавме многу добро и мислам дека заслуживме повеќе. Да имавме поголема концентрација, верба и фокус, ќе беше поинаку. Како да се изненадивме што уште во првото полувреме можеме да водиме со седум-осум гола разлика. Романците тогаш беа немоќни, а ние промашувавме од чисти позиции. Наместо да ги „декласираме“, им дадовме надеж. На полувреме водевме со плус четири и мислевме дека, како и во секое второ полувреме, ќе бидеме подобри. Но ни се повреди Марковски, Аларов доби црвен картон и останавме хендикепирани и офанзивно и дефанзивно. Сепак, мислам дека дефанзивата не беше проблем, туку проблем беше нашиот напад. Се надевав дека ќе победиме со повеќе голови разлика”.