Борозан пред потпис со клуб од Будва, Плех останува во БиХ, Радојичиќ се сели кај јужниот сосед

106

Репрезентативецот на Црна Гора и довчерашен член на Вардар, Вуко Борозан, најверојатно ќе се врати во својата татковина. Според пишувањата на црногорскиот портал „Лоб спорт“, Борозан би требало да биде нов играч на Будванска Ривиера, актуелниот шампион на Црна Гора. Левиот бек, кој во редовите на македонскиот вицепрвак го имаше својот втор мандат, иако се најавуваше можност да остане во Македонија, сепак, кариерата ќе ја продолжи во црногорското првенство. 31-годишниот Борозан важи за еден од ракометарите кои во кариерата имаат сменето, народски кажано, безброј клубови.

Поранешниот голман на Пелистер, Харис Плех, иако имаше можност повторно да се активира во интернационални води, сепак, одлучи да остане во БиХ. Плех од Горажде се сели во редовите на Криваја, екипа која се бори за опстанок во најквалитетното тамошно натпреварување. Искусниот голман во својата кариера бранеше и во Израел, Грција, Португалија, Турција…

Екс кадетскиот и младински репрезентативец на Србија, Огњен Радојичиќ, кој во првиот дел од тековната сезона беше дел од Куманово, а за македонскиот суперлигаш настапуваше и во вториот дел од сезоната 2024/25, ја продолжува кариерата кај нашиот јужен сосед. Ракометарот од генерацијата 2000, познат по добриот шут, ќе го носи дресот на АЕК Атина, клуб кој во продолжението од сезоната ќе настапи со речиси целосно нов состав, откако се раздели со дузина играчи.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT