Јовановски: Не размислував за бројките, играв опуштено и со самодоверба

461

Со труд, дисциплина и самодоверба, ракометарот Јован Јовановски полека го гради својот пат во македонскиот ракомет. Младиот член на Вардар Неготино зад себе имаше успешен прв дел од сезоната, во која блесна како најдобар стрелец во младинската лига.

Иако неговите добри партии останаа незабележани од страна на селекторите во младинските категории, Јовановски не ја губи мотивацијата и продолжува посветено да работи. 

Во разговор за Спортска Димензија, тој зборува за зимскиот одмор, очекувањата од вториот дел од сезоната, секојдневните обврски, социјалните мрежи, спортот, здравиот начин на живот и за други теми.

Како го помина одморот по завршувањето на првиот дел од сезоната и колку успеа да се одмориш пред почетокот на новите обврски?

„Одморот го поминав мирно и без многу планови. Најмногу време бев со семејството и пријателите и се обидов да се одморам и физички и психички. Ми требаше пауза по напорниот период и мислам дека добро ми дојде. Сега сум подготвен за продолжението.“

Наскоро стартува вториот дел од сезоната. Какви се твоите очекувања и цели?

„Очекувам стабилен втор дел од сезоната и се надевам на добри резултати со двата тима. Ми значи многу што добивам минути и во младинскиот и во сениорскиот состав. Во сениорскиот тим ќе има повеќе домашни играчи и мислам дека тоа ќе донесе подобра поврзаност во екипата. Ќе се трудам да ја оправдам довербата и да придонесам колку што можам.“

Првиот дел од сезоната го заврши како најдобар стрелец во младинската лига со 136 погодоци на 14 натпревари. Што стои зад овој одличен учинок?

,,Искрено, не размислував премногу за бројките додека траеше сезоната. Повеќе се фокусирав на тоа да играм опуштено и да ја искористам секоја шанса што ќе ми се даде. Кога имаш добра соработка со соиграчите и кога атмосферата е позитивна, сè оди полесно. Секако, има многу тренинзи и труд зад тоа, но мислам дека најмногу значи самодовербата и поддршката од тимот.“

Дали сметаш дека доколку добиеш репрезентативен повик, би можел достојно да одговориш на истиот и да се наметнеш како сериозна опција?

,,Секој повик би го прифатил со задоволство. Не сакам многу да зборувам однапред, повеќе сакам да покажам со играта. Ако добијам шанса, сигурно ќе дадам максимум и ќе се трудам да ја оправдам довербата. На крајот, најважно е да останеш свој и да уживаш во тоа што го работиш.“

Живееме во време кога младата популација сѐ почесто станува зависна од социјалните мрежи, а спортот останува во втор план. Каква порака би им испратил на своите врсници за тоа колку е важно да се занимаваат со спорт и здрав начин на живот?

,,Би им рекол да не се затвораат по цел ден дома. Понекогаш е доволно само да излезеш надвор, да трчаш или да направиш нешто активно со другарите. Не мора да е нешто големо или сериозно, едноставно да се движиш и да правиш нешто поинакво од седење пред телефон.“

Како изгледа еден твој ден?

,,Најчесто денот ми е поделен помеѓу училиште и тренинг. Наутро сум на часови, потоа имам време за учење или краток одмор, а попладне или навечер е тренингот. Кога имам натпревар, денот е малку поинтензивен, но секогаш се трудам да најдам време и за семејство и за другарите.“

Колку е тешко да се воспостави баланс помеѓу спортските обврски и образованието и како ти успева да ги усогласиш тренинзите со училиштето?

,,Не е секогаш лесно, особено кога има патувања или натпревари. Понекогаш учам навечер или користам слободно време помеѓу обврските. Се навикнуваш, и со добра организација се успева. За мене е важно да не запоставам ниту едното, ниту пак другото.“

Како би го опишал спортот во Македонија денес – дали има доволно можности за талентираните играчи како тебе?

,,Има можности, но секогаш може повеќе. Понекогаш треба да работиш навистина упорно за да стигнеш до шанса, но ако си истраен и веруваш во себе, шансите се појавуваат. Најважно е да не се откажуваш.“

По првиот дел од сезоната исполнет со промени и предизвици, какви се очекувањата на Вардар Неготино за вториот дел од првенството?

,,Да, имавме неколку лоши резултати и промени во составот, но тоа нè зближи. Сега сме претежно домашни играчи, се познаваме добро и имаме добра комуникација. Мислам дека со повеќе работа и заедништво можеме да се претставиме многу подобро во вториот дел од сезоната.“

 

Следете нѐ на социјалните мрежи – Facebook и Instagram

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT