Суперлигашот Бутел Скопје, кој е еден од тимовите што се во игра за пласман во плеј-оф фазата, ќе биде посилен со Мице Шилегов. Десното крило, кое зад себе има големо суперлигашко искуство, веќе се приклучи на тренинзите кај тренерот Горан Кузманоски. Бутелци во последните четири кола од регуларниот дел ќе играат против Струга, Вардар, Охрид и Тиквеш.
Јехона од Гостивар во продолжението од сезоната ќе биде посилна со Виктор Трифуноски, ракометар кој првите два месеци од оваа сезона ги мина во редовите на Куманово, клуб во кој пристигна од некогашниот суперлигаш Борец ФЛ. Трифуноски ги направи првите ракометни чекори во РК Гостивар, потоа премина во Јехона, ги мина сите младински категории на Вардар, а настапуваше и за Аеродром.
ЖРК Вардар денеска се пофали со потписот на уште четири нови ракометарки од Металург Автокоманда. Нови членки на Вардар се двете голманки – Ева Ончева (2009) и Сандра Милосковска (2011), како и двете ракометарки кои настапуваат на пивотменската позиција – Матеа Спасовска (2010) и Лина Петровски (2011). Сите четири ќе играат во младинските категории на клубот.
Амбициозниот Чаир се засили со Ана Георгиевска, кадетска и младинска репрезентативка, која во составот на Басри Љатифи доаѓа од Металург Автокоманда и настапува на позицијата кружен напаѓач.