Еден од најголемите ракометни таленти од Македонија во странство е велешанецот Бобан Петров, кој во минатата сезона беше дел од европскиот гигант Кил, односно настапуваше за вториот тим на „зебрите“. Петров во 2017 година заедно со своето семејство се преселуваат во Германија, а својата љубов кон ракометот ја добива од неговиот татко (Каме Петров) кој бил ракометар на РК Борец.
„Причината за моето преселување во Германија беше фамилијарна, мајка ми е доктор, па доби понуда за работа овде и во тој момент моите родители решија дека е најдобро да се преселиме во Германија. Ракомет започнав да тренирам на 13-годишна возраст. Љубовта кон овој спорт ја добив од татко ми, тој играше за РК Борец во славните денови, односно во времето кога овој клуб беше меѓу најдобрите на македонска сцена“.
Поголемиот дел од ракометната македонска јавност за талентираниот Петров слушна кога тој од Котбус реши да се пресели во младинскиот тим на Кил.
„Искуството во Кил беше одлично, да се биде дел од најтрофејниот тим во Германија е голема привилегија, фантастично е чувството секој ден да си опкружен со најдобрите играчи во светот, ова искуство дефинитивно ќе ми помогне во мојата понатамошна кариера. Бидејќи играв во младинскиот тим на Кил, бевме цело време инволвирани со нив на тренинг, на пример, доколку некој играч се повреди од првиот тим тогаш за да се врати во форма тренира со нас во вториот тим, или обратно, некој играч од вториот тим заминува во првиот тим за да го замени повредениот, така што цело време бевме во контакт со големите ѕвезди како Домагој Дувњак, Никлас Екберг, Руне Дамке, Хенрик Пекелер…тоа е непроценливо искуство. Тренер во Кил ми беше Торге Греве, тој ми даваше голема одговорност како среден бек да ја користам мојата интелегенција и разбирање за ракомет“.
Петров оваа сезона одлучи да се врати во Котбус, овој клуб важи за „фабрика“ за таленти во Германија, а во Котбус имаат настапувано неколку ракометари од Македонија, еден од нив е младинскиот репрезентативец Давид Брестовац.
„Мислам дека враќањето во Котбус е правилна одлука, бидејќи клубот влезе во Третата Бундес лига, па така ќе можам да ги подобрам, но и да ги покажам своите квалитети во повисока лига. Иако имав понуди од други клубови од Германија, но и од Македонија, сепак, одлучив да се вратам во Котбус, поголемиот дел од тимот го познавам и адаптацијата не беше толку тешка“.
20-годишниот Петров направи паралела меѓу македонскиот и германскиот младински ракомет, истакнувајќи дека во Германија клубовите им нудат ѝ образование на ракометарите.
„Дефинитивно една од најголемите разлики меѓу македонскиот и германскиот младински ракомет е тоа што овде децата од мали нозе работат во теретана и постепено се градат. Впрочем, условите се совршени, загреани сали, соблекувални…но и надвор од терените добрите клубови кои одлично работат со младите имаат спортски комплекси и спортски села и таму на младите им е овозможено ѝ образование во соработка со клубот, па така најмладите имаат перфектен биланс од спорт и образование. Во Котбус условите за младите спортисти се одлични, ракометарите секој ден имаат по два тренинзи, еден сабајле, па вториот во вечерен термин, тоа е се овозможено, бидејќи клубот соработува со спортската гимназија која им овозможува на децата таков развој. Во склоп на училиштето најмладите имаат интернат до салата, така што тие не мора да се грижат за ништо, освен за учење и напредување во спортот“.
Велешанецот посакува да има богата интернационална карира, односно да игра во повеќе држави, а доколку добие репрезентативен повик за младинската репрезентација, или пак во иднина за сениорската, тогаш без сомнение би го дал најдоброто од себе.
„Покрај ракометот и факултетот, ретко имам слободно време, но кога сум слободен најчесто одмарам дома со моите. Најголемата желба ми е да играм во повеќе држави, со цел да запознам повеќе култури и националности. Секако дека секој спортист посакува да ја претставува својата земја, таа одлука не зависи од мене, но секако дека би претставувало големо задоволство и огромна чест“.