Поранешниот шампион на Македонија, ЖРК Вардар, победнички го започна вториот дел од сезоната, откако на гостувањето во Штип кај Астибо дојде до победа од 43:31 (18:16) во натпревар од 14. коло од суперлигашката конкуренција.
Домаќинките беа рамноправни во првиот дел, кој мина во егал, на моменти водеа, но во второто полувреме избраничките на Платон беа подобар ривал на теренот и заслужено дојдоа до осмата сезонска победа.
Во тимот на Вардар дебитираше едно од новите засилувања, кадетската и младинска репрезентативка Ања Лашкоска, која имаше одлично деби и беше најефикасна во победничкиот табор со осум погодоци.
Одлична на голот кај вардарки беше Андреа Илиќ со 20 интервенции, додека кај Астибо прв стрелец беше искусната Марија Анчева, која имаше 12 успешни реализации.
Вардарки со новите освоени бодови остануваат на 4. позиција на табелата и сега имаат 16 на своето конто. Астибо, моментално, е на 6. позиција со седум освоени бодови