Тимот на Мулти Есенс победничка ја започна 2026, откако во натпревар од 15. коло од Првата ракометна лига одигра како на тренинг против Шампион и триумфираше со 46:22 (23:7).
Со новата победа, поранешниот суперлигаш се израмни на табелата со Младост, кој досега нема загубено бод. Двете екипи сега имаат по 24 бодови, но клубот од Богданци има натпревар помалку.
На денешниот меч, тренерот Бочкаровски шанса им даде на сите играчи, а најефикасни беа левото крило Дарјан Ѓоќески со девет и десното крило Јован Петрески со осум погодоци, а седум постигна Стефан Ѓоргиевски.
Кај Шампион, Давид Јовчевски беше прв стрелец со седум погодоци.
Мулти Есенс во следното, 16. коло на свој терен ќе го пречека Овче Поле, додека Шампион за ривал го има Аеродром.