Тиквеш со победа над Куманово се „чекираше“ во плеј-офот

141

Тимот на Тиквеш е петтиот патник во плеј-оф фазата од најквалитетното домашно ракометно натпреварување и во оваа сезона повторно ќе се бори за место во Европа.

Во натпревар од 21. коло, претпоследното од регуларниот дел, избраниците на Кристијан Грчевски се соочија со Куманово.

Домаќините ја оправдаа фаворитската улога и триумфираа со 33:26 (15:11), па со освоената победа стигнаа до 22 бодови на своето конто, обезбедувајќи место во ТОП 6 и плеј-оф фазата.

Одличен на голот на Тиквеш беше Благој Панов со 13 интервенции, а во нападот се истакна Мартин Димовски со девет погодоци, по шест имаа Балша Цејовиќ и Богдан Мијушковиќ, а пет постигна Димитар Коцев.

Кај Куманово, прво име беше Тоше Ончев со девет реализации.

Во 22. коло, Тиквеш ќе гостува во Скопје кај Бутел, кој засега има 20 бодови, еден повеќе од Еурофарм Пелистер 2 и два повеќе од Прилеп.

Супер лига, 21. коло, резултати:
Тиквеш – Куманово 33:26 (15:11)
Радовиш – Еурофарм Пелистер 2 26:37 (13:21)
Вардар – Пролет 38:22 (19:9)
Струга – Алкалоид 20:41 (9:20)
Еурофарм Пелистер – Прилеп 32:27 (16:12)
18/02, 18:00, Охрид – Бутел

SPORT