Утре стартува главната фаза во Лигата на Европа, а македонскиот вицепрвак Вардар во првото коло ќе гостува во Португалија кај Бенфика.
Вардарци, кои групната фаза ја завршија со биланс од пет победи и еден пораз (оној од Кристијанштад во Шведска), стартуваат со два бода, додека Бенфика ја започнува главната фаза без бодови.
Секој натпревар ќе биде од голема важност, а тренерот на Бенфика, Хота Гонзалез, ги сподели своите очекувања за утрешниот дуел.
„Играме против Вардар, тим кој има добар буџет и кој сака да биде оној Вардар од пред неколку години кога ја освои Лигата на шампионите, затоа поддршката од трибините ќе биде неопходна. Потребна ни е поддршката од навивачите за овој дуел. Ние мора да бидеме максимално концентрирани и мора да го добиеме овој натпревар по секоја цена. Тие се силни на сите позиции, па затоа ќе ни биде потребна добра дефанзива“, изјави Гонзалез.
Натпреварот меѓу Бенфика и Вардар е закажан за утре со почеток од 18:45 часот.
ТАБЕЛА
1. Мелсунген 4
2. Вардар 2
3. Кристијанштад 2
4. Бенфика 0
На 24 февруари Вардар ќе го пречека Мелсунген, потоа на 3 март ќе биде домаќин на Бенфика, а на 10 март ќе гостува кај бундеслигашот.