Грчевски го објави списокот пред дуелите со Белгија, на Николоски му тргна во босанскиот шампионат, Иваноски повторно во идеалниот тим во Словенија

118

Селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Кристијан Грчевски, го објави поширокиот список пред двата квалификациски натпревари со Белгија за пласман на Европското првенство 2026. Македонија мора да ги добие дуелите со Белгија доколку сака да остане во игра за настап на континенталниот собир, а 35 ракометарки се во конкуренција за најважните натпревари. На списокот има 23 ракометарки од домашниот шампионат, додека 12 се интернационалки. Македонија во првото коло од квалификациите беше поразена од Германија, а во второто од Словенија. Дуелите со Белгија се на програмата на 4 и 7 март. Вториот натпревар, на 7 март, ќе се одигра во Куманово.

Поранешниот член на Младост Богданци, Антонио Николоски, имаше одличен настап во шампионатот на БиХ. Во рамките на 16. коло, Слога Добој за ривал го имаше тимот на Дервента и успеа без многу проблеми да триумфира со 37:25. Македонецот беше меѓу најдобрите на теренот и натпреварот го заврши со пет погодоци. Слога Добој заостанува на само два бода зад лидерот Извиѓач, а до крајот од сезоната има да се одиграат уште десет кола.

Охриѓанецот Михаил Иваноски повторно се најде во идеалниот тим на колото во Словенија. Во изборот на специјализираниот ракометен сајт „Handballia“, кој активно ги следи случувањата и во балканскиот ракомет, Иваноски беше сместен во најдобрата седморка. Тимот на Ајдовшчина, предводен од Раде Стојанович, во 18. коло од Втората словенечка лига се соочи со Добова и забележа убедлива победа од 33:22. Десниот бек од Македонија имаше одличен настап и постигна десет погодоци, а Ајдовшчина стигна до 13-тата сезонска победа и е многу блиску до кам-бек во словенечката елита.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT