Со натпреварот меѓу Пролет и Еурофарм Пелистер стартуваше новото, 10. коло во кадетската машка лига, а на дуелот одигран во спортската сала „Македонско Сонце“ победа забележаа домаќините, кои триумфираа со 27:24 за десетти сезонски триумф. Кадетскиот тим на Пролет и во Битола успеа да ги совлада пелистерци, тогаш со голот на Дамчевски обезбеди победа од 28:27.
Пролет засега е единствениот тим од групата Б кој нема загубено бод и е на максимум – десет од десет. Натпреварот мина во егал, како што и се очекуваше, а Пролет победата ја обезбеди со поголема смиреност во завршните десет минути, во кои имаше повеќе нерви и концентрација од гостите.
Во последните десет минути видовме пет одбранети удари на голманите, две на гостинскиот голман и три на Лазе Великиќески. Технички грешки и избрзани шутеви имаа двете екипи во клучните моменти, но Пролет трпеливо чекаше и дочека.
Иако Еурофарм Пелистер имаше напад за израмнување за 25:25, брзоплето погреши, домаќините лесно реализираа за 26:24 и тука веќе можеше да започне славјето на домашната клупа.
Најефикасен во победничката екипа беше средниот бек Давор Крстески со седум погодоци, по четири имаа Лука Јовиќ и Ѓорѓи Лешниковски, а трипати погоди Огнен Александров. Во тимот од Битола, Стефан Василевски беше прво име со седум реализации, една помалку имаше Јован Симоновски.