Кога посветеноста носи резултат: Трајков херој на Пролет во Битола (ВИДЕО)

124

Екипата на Пролет изненадувачки триумфираше во Битола против Еурофарм Пелистер 2 со 23:21 во рамките од првото коло од плеј-аут фазата.

Иако двете екипи веќе имаат обезбедено опстанок во најквалитетното ракометно натпреварување во Македонија, во спортската сала „Боро Чурлевски“ се водеше голема борба за бодовите.

Слободно може да се каже дека јунак на натпреварот беше младиот голман Марко Трајков, кој со одлични интервенции (вкупно 17) беше клучен фактор за победата.

Пролет на неговите крила си замина победнички од Битола. Трајков е производ на школата на Голден Арт, клуб кој повеќе не постои, но остави силен печат во развојот на млади таленти.

Со овој тим освојуваше медали и индивидуални награди во младинските категории, а своето ракометно знаење го надградуваше преку континуирана работа, која ја преточи во одлична партија против младите пелистерци.

Дополнително, радува и одличната форма на довчерашниот младински репрезентативец Андреј Стојановски, кој исто така беше еден од водечките фигури во триумфот во Битола со седум постигнати погодоци.

Стојановски на 23 одиграни натпревари сезонава постигна 83 гола и моментално е втор најдобар стрелец во тимот предводен од Доне Мјанов, потврдувајќи дека се работи за играч во сериозна нагорна форма.

 

 

 

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT