Пристигнаа нови странци во Супер лигата, утре во продажба билетите за македонското „ел класико“, Атлетик останува на максимум

149

Во македонската Супер ракометна лига пристигнаа два нови интернационалци. Станува збор за левиот бек Омар Мамду Радван Солиман и десниот бек Мохамед Карим Али Закарија, кои го засилија суперлигашот Куманово. Двајцата доаѓаат од Србија, поточно од второлигашот Металац Краљево, и се очекува да бидат дополнителна вредност во тимот предводен од српскиот стратег Александар Радисављевиќ. Омар е актуелен младински репрезентативец на Египет, генерација 2005, додека Карим е генерација 2004. Двајцата ракометари потпишаа договор со Куманово, кој важи и за следната сезона.

Викендов на програмата е 2. коло од суперлигашкиот плеј-оф/аут, а во ова коло актуелниот шампион Еурофарм Пелистер ќе го пречека вечниот ривал Вардар. Како и секогаш, салата „Боро Чурлевски“ ќе биде исполнета до последното место, а од шампионот известија дека утре, точно во 12:00 часот, ќе бидат пуштени билетите за македонското „ел класико“. Битолчани со евентуална победа ќе му се приближат на лидерот од Скопје. Вардар моментално има 44 бода, додека пелистерци 40. Пелистерци вчера го имаа последниот настап во Лигата на шампионите за оваа сезона, гостуваа кај Барселона и беа поразени со 47:27.

Прволигашот Атлетик веќе може уште од сега да ги започне плановите за следната сезона. Скопскиот тим е без конкуренција во Првата лига, а на вечерашниот дуел, против МРК Ѓорче Петров, триумфираше со 29:24, со што сега има 14 од 14. Следен предизвик за Атлетик ќе биде дуелот против Астибо во рамките од елиминациското коло од Купот на Македонија.

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT