Војо Клењоски стигна до 180 погодоци во досегашниот тек од сезоната

Струга и понатаму останува расадник на нови таленти, но и идни репрезентативци.

119

Еден од најталентираните играчи во Македонија, Војо Клењоски, вчера со 12 погодоци ја предводеше Струга до победа над Бутел Скопје (24:16) во натпревар од 13. коло од пионерската лига.

Клењоски е еден од играчите на домашна сцена кои добиваат шанса во три категории – пионери, кадети и сениори. Своето деби на сениорско ниво го имаше на 13 години со настапот против силниот Алкалоид. Освен на позицијата десно крило, може подеднакво квалитетно да одигра и како десен бек. Се издвојува и како сигурен реализатор од седум метри, односно одличен пеналџија, но и како играч со изразено чувство за игра, кој знае да креира шанси и за своите соиграчи.

Стружанецот во пионерската лига, на 13 одиграни натпревари, постигна 92 погодоци, додека во кадетската лига, на 12 одиграни натпревари, стрелаше 78 пати. Во Супер лигата, талентираниот Клењоски на оние натпревари на кои доби шанса успеа да постигне 9 погодоци, а во Купот на Македонија, против Еурофарм Пелистер, запиша еден, за вкупно 180 погодоци во досегашниот тек од сезоната.

Струга и понатаму останува расадник на нови таленти, но и идни репрезентативци. Овој клуб дава голем придонес во развојот на македонскиот ракомет, а со играњето на тимот во Супер лигата, младите добиваат шанса да се докажуваат и да ги покажат своите квалитети против Вардар, Еурофарм Пелистер, Алкалоид, Охрид, Бутел…

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT