Екипата на Стружанка во саботата играше против Деспина во кадетската лига, а вчера против Атлетик, кој сè уште нема загубено бод, во прволигашката конкуренција.
За младите ракометарки на клубот од Струга немаше многу време за рехабилитација по поразот од прилепчанки, а на двата натпревари одлично се покажа Еџе Сејадин – ракометарка која и минатата сезона доминираше кај кадетките.
Сејадин оваа сезона од Ресен се пресели во Стружанка, екипа во која одлично се вклопи. Талентираната ракометарка моментално е лидер на листата на стрелци во кадетската лига, откако на пет натпревари постигна 57 погодоци, а одлично ѝ оди и на сениорско ниво.
Во прволигашката конкуренција, левиот бек има постигнато 83 погодоци на 13 натпревари и моментално се наоѓа меѓу петте најдобри стрелци. Девет пати погоди во елиминациското коло од Купот на Македонија против Пелистер и засега има 149 погодоци зад своето име.
Стружанка е еден од клубовите што дава голем придонес во развојот на женскиот ракомет во Македонија, особено преку откривањето на таленти кои подоцна стануваат дел и од националните селекции.
Во видеото во продолжение погледнете дел од 14-те погодоци на Сејадин на натпреварот против Деспина во кадетската лига.