Рон Јетиши: Секој тренинг давам 110% од себе!

170

Талентираниот кошаркар на Работнички, Рон Јетиши, кој има само 14 години, во разговор за „Спортска Димензија“ зборуваше за своите први минути во сениорскиот тим, настапот против Ангели, поддршката од тренерите и навивачите, како и за МВП признанието од минатата сезона.

Младиот кошаркар веќе јасно го навестува својот потенцијал, а секоја минута и тренинг со сениорскиот тим за него претставува дополнителен мотив за напредок. Иако многумина дуелот со Ангели го сметаа за негово деби на сениорска сцена, Јетиши потсети дека веќе има одиграно еден натпревар за првиот тим минатата година. Сепак, токму натпреварот против повратникот во елитното друштво за него има посебна тежина.

„Првпат дебитирав за првата екипа во октомври 2025 година, на натпревар против Пелистер, каде што одиграв една минута и 30 секунди и постигнав два поени. Но, натпреварот против Ангели беше мојот прв настап на сениорско ниво во 2026 година. Се чувствував многу добро пред полна сала и во одлична атмосфера создадена од нашите навивачи „Сити Парк Бојс“.“

Иако за многу млади играчи ваквите моменти носат дополнителен притисок, тој покажа зрелост и немаше никаква трема.

„Не, немав никаква трема, ниту притисок, бидејќи тренирам секој ден со сениорскиот тим и бев подготвен да играм.“

Настапот против Ангели беше и повеќе од успешен, со оглед на тоа што за само седум минути успеа да постигне шест поени.

„Не очекував дека ќе играм седум минути и многу сум задоволен што постигнав шест поени за толку мала минутажа, а имав можност да постигнам и повеќе. Мојот тренер Нермин Пепиќ и Роберт Рикиќ беа првите што ми честитаа за играта, а потоа и останатите играчи и стручниот штаб. Поддршката од моето семејство од трибините и навивачката група „Сити Парк Бојс“ ми беше најзначајна.“

За секој млад кошаркар, довербата од тренерот е еден од најважните моменти во развојот, а токму ваквите настапи, според младиот кошаркар, се само дополнителен поттик за уште посериозна работа во иднина.

„На секој тренинг давам 110% од себе за да ја добијам довербата на мојот тренер Владимир Мирковски и му благодарам што ми даде можност да играм речиси осум минути. Со голема мотивација и сериозност работам секој ден и напорно тренирам за да играм што повеќе, бидејќи немам лимит за моите амбиции.“

Во домашната кошаркарска јавност веќе се зборува за него како за еден од најголемите таленти. Таквите пофалби за Јетиши претставуваат чест, но и обврска да продолжи во ист ритам.

„Се чувствувам многу добро кога во јавноста зборуваат за мене и ме препознаваат како голем талент. Ќе се трудам да не ги разочарам и да продолжам со успеси и добри настапи.“

Кога станува збор за досегашните најдраги моменти во кариерата, Јетиши издвојува неколку успеси што веќе имаат посебно место во неговото спортско созревање. Меѓу нив е и признанието за најдобар кошаркар во М14 лигата за сезоната 2024/25.

ФОТО: КФМ

„Моите два најубави моменти се титулата шампион со Работнички во М14 лигата и признанието МВП на Ф4 турнирот минатата сезона. Исто така, би го издвоил и натпреварот со репрезентацијата М14 кога остварив „трипл-дабл“ во победата против Словачка. Сметам дека овие успеси се заслужени бидејќи дојдоа како резултат на напорна работа. Се чувствувам горд на овие признанија и ѝ се заблагодарувам на КФМ за наградата минатата сезона. Во сезоната 2024/25 мислам дека заслужено го добив признанието за најдобар играч во М14 лигата.“

Освен спортските активности, тој има и училишни обврски кои треба да ги балансира.

„Не е лесно да се направи баланс, но им се заблагодарувам на сите од моето училиште што ми овозможуваат да бидам присутен на секој тренинг, бидејќи и тие знаат дека кошарката е мојот живот.“

Носењето на дресот на најтрофејниот македонски клуб за секој млад играч е голема чест и инспирација.

„Голема чест и задоволство е да се носи дресот на „црвено-белите“ и ќе дадам сè од себе да придонесам за уште повеќе титули за мојот клуб.“

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT