Прволигашкото дерби меѓу Младост и Мулти Есенс, кое викендов ќе се одигра во Автокоманда, може да биде клучен која од двете екипи ќе обезбеди директен пласман во Супер лигата.
Во пресрет на натпреварот, ракометарот на Младост, Душан Каркалашев, за „Спортска Димензија“ истакна дека тимот е максимално подготвен и мотивиран да го продолжи победничкиот низ.
„Нашите очекувања се да одиграме на високо ниво и да дојдеме до победа. Верувам дека Младост може повторно да го победи овој тим и да го задржи максималниот ефект“, изјави Каркалашев.
Тој потенцираше дека клучот за успехот ќе биде контролата на играта и наметнувањето на сопствен ритам.
„Пресудно ќе биде темпото и контролата на играта. Екипата што ќе го наметне својот ритам и ќе ги намали техничките грешки ќе биде поблиску до победата. Транзицијата, и во напад и во одбрана, може да направи разлика во вакви дуели“, додаде ракометарот на Младост.
Иако влогот е голем, Каркалашев нагласува дека во тимот нема притисок, туку само дополнителна мотивација.
„Нема притисок пред овој натпревар, повеќе сме фокусирани и подготвени за предизвикот што нè очекува. Свесни сме за значењето на мечот, но тоа не нè оптоварува, туку дополнително нè мотивира. Ако ја искористиме таа енергија на вистински начин, верувам дека ќе дојдеме до посакуваниот резултат“, истакна Каркалашев.
Младост во досегашниот дел од сезоната има максимален ефект, додека Мулти Есенс единствениот пораз го има токму од тимот од Богданци, што дополнително го зголемува значењето на ова дерби.
Дербито е закажано за в сабота (28 март), со почеток од 15:00 часот во спортската сала „Автокоманда“.