Битолчанки го изненадија Куманово и ќе играат на Ф4 во Струмица

172

Денеска беа одиграни три натпревари од четвртфиналето на Купот на Македонија во женска конкуренција, а изненадување имаше во Битола, каде што ракометарките на Пелистер славеа над Куманово со 27:26 и изборија пласман на завршницата.

За битолскиот клуб ова претставува голем успех, ако се има предвид играчкиот состав со кој располага. Домаќинките одлично го стартуваа натпреварот, имаа 7:2 по 12 минути игра, а на полувреме заминаа со резултатска предност од 14:9.

Куманово во вториот дел продолжи со грешките од првото полувреме, а при предност на Пелистер од 23:15 во 43-та минута, јасно беше гостинот ќе има тешка задача да ја надомести негативата. Домаќинките се опуштија во финишот и му дозволија на ривалот речиси да се врати во игра. Можевме да гледаме и пенал-рулет, но Куманово во последните секунди не успеа да погоди, по што започна славјето на домашната клупа.

Одлична партија за победничката екипа имаше Анастасија Тодоровска, која натпреварот го заврши со 11 погодоци, шест од нив беа од пенал. Свој придонес во победата на Пелистер имаа и Даниела Шиниковска (7), Ана Стојчевска (4), Едина Мемиќ (3), Леона Елмазовска (2)…Најефикасни кај Куманово беа Мариана Азевадо со девет погодоци и Росана Павлова со седум.

Покрај Пелистер, на Ф4 ќе играат уште екипите на Чаир, Спартак и победникот од саботниот сестрински дуел меѓу Ѓорче Петров и МРК Ѓорче Петров.

Завршницата од Купот на Македонија, како во машка, така и во женска конкуренција, ќе се одржи во Струмица.

Полуфиналните дуели кај дамите се на 18 април, а финалето на 19 април. Долнително треба да бидат извлечени полуфиналните парови.

КУП НА МАКЕДОНИЈА – ЧЕТВРТФИНАЛЕ:
Пелистер – Куманово 27:26 (14:11)
Анастасија Тодоровска 11/Мариана Азевадо 9
Спартак – Атлетик 27:25 (15:16)
Анастасија Николовска 8/ Михаела Кралева 9
Овче Поле Славјански Универзитет – Чаир 21:31 (10:16)
Анастасија Сентовска 8/Билјана Дамчевска 8

 

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT