Кадетите на Преспа во натпревар од 14. коло од кадетската лига, последно од регуларниот дел, пред својата публика славеа над Алкалоид со 31:26 (17:15), но и покрај победата го завршија настапот за оваа сезона.
Клубот од Ресен за влакно не се пласираше во ТОП 4 во групата Б. Заврши со 13 бода, исто колку што има и Охрид, кој има и натпревар помалку, но младите „гладијатори“ имаат подобар меѓусебен скор. Со еден бод повеќе од Преспа заврши Алкалоид, па на ресенци им требаше и многу среќа за да бидат дел од четвртфиналето.
Публиката во спортската сала „Зоран Стојановски“ уживаше во одличната партија на еден од подобрите кадетски голмани – Симон Јовановски (најдобриот голман од Ф4 турнирот во пионерската лига 2025).
Во нападот на Преспа се истакна Драган Ивановски со осум погодоци, по пет имаа Благоја Јончевски и Ѓорѓи Николовски, четири реализации запиша Виктор Ѓорѓиевски, а по трипати погодија Кристијан Лазароски, Борјан Веслиевски и Христијан Антовски. Кај Алкалоид, Борјан Благоев беше прв стрелец со осум погодоци, а седум имаше Михаил Арсиќ.
Од групата Б во четвртфиналето, покрај Охрид, се пласираа и Пролет, Еурофарм Пелистер и Алкалоид, додека настапот го завршија уште Македонија Ѓорче Петров, Прилеп и Струга.
ТАБЕЛА

На 10 април ќе се сретнат Охрид и Македонија Ѓорче Петров, додека на 18 април во Битола ќе играат Еурофарм Пелистер и Струга. Охрид со евентуална победа над скопскиот тим ќе ја освои третата позиција, односно ќе го прескокне Алкалоид, со што би избегнал дуел со првопласираниот од групата А, тимот на Мулти Есенс.