Вардар по втора победа во Лигата на Европа

298

Екипата на Вардар денеска ќе го одигра третиот натпревар во второто по ранг европско клупско натпреварување – Лигата на Европа. Во Скопје гостин ќе биде португалскиот Порто, кој беше редовен учесник во Лигата на шампионите.

Порто во минатото коло одигра реми на гостувањето кај Валур, додека „црвено-црните“ беа поразени во Германија од амбициозниот Мелсунген. Вардар на свое конто има победа, она пртив Валур во првото коло, па доколку избраниците на Владо Недановски победат на вечерниот натпревар, тогаш ќе бидат близу до пласман во следната рунда.

„Нè очекува многу важен натпреварот со Порто за пласман во наредната фаза во Лигата на Европа. Според сите нас, ова е најважниот меч за нас и единствена опција е да победиме. Со победа нема да бидеме сигурно во следна фаза, туку ќе направиме голем исчекор, а тоа е наша цел. Имаме шанси за да ја исполниме целта и покрај повредените играчи. Годинава немаме загубено меч во Јане Сандански и се надевам дека тоа ќе продолжи така“, изјави средниот бек на Вардар, Марио Танкоски.

Тренерот на Вардар, Владо Недановски истакнува дека Порто е опасен ривал, но единствена опција за неговиот тим е само победа.

,,Натпреварот со Порто знаеме колку е важен, доколку сакаме да ја поминеме групата. Во првото коло имавме добро издание пред домашна публика, а потоа во Мелсунген не беше како што посакувавме и загубивме убедливо. Но, тоа е веќе минато, размислуваме за натпреварот со Порто, анализираме и тренираме за средбата. Тие добро се покриени на сите позиции, имаат квалитетни играчи. Свесни сме и зрели колку овој натпревар значи за тимот на Вардар. Нема штедење и размислување, една и единствена опција е победа. Противникот е веќе анализиран, и остануваат уште детали што треба да се доработат на тренинзите. Предноста на Порто е тоа што играчите им се искусни во Европа, имаат играно во ЛШ. што не е случај во нашата екипа. Најголемата опасност од Порто доаѓа од среден бек, како и нивните кружни напаѓачи кои се крупни и прават проблеми. Имаат добар голман и играат брз и модерен ракомет”, вели Недановски.

Натпреварот меѓу Вардар и Порто ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“, со почеток од 20:45 часот.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе