Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го доживеа петтиот пораз во Лигата на шампионите, откако во натпревар од 6. коло од групата А беше поразен од Веспрем со 30:23 (17:12). Унгарскиот тим од стартот, па до крајот имаше контрола на играта и во ниту еден момент не дозволи домаќините да имаат било какви шанси за камбек.
Репрезентативецот Филип Кузмановски со седум погодоци беше најдобар поединец во редовите на македонскиот претставник. Кај гостите, освен голманот Коралес со 13 интервенции, се истакнаа Лука Циндриќ со осум и Хуго Деска и Лудовик Фабрегас, двајцата имаа по шест погодоци.
Пелистерци во следното, 7. коло од европската елита ќе гостува во Данска кај Фредериција, која вчера успеа да ја изненади Висла Плоцк.