Еден од нашите интернационалци во Европа е Борис Ристовски, среден бек кој од оваа сезона го носи дресот на Будуќност Подгорица. Велешанецот во Црна Гора го има третото интернационално искуство по настапите за РОК Ајверон од Франција и косовскиот Кастриоти. Иако црногорскиот шампионат не е на исто ниво со нашиот, сепак, факт е дека црногорските клубови добро работат со играчите, а доказ за тоа се големиот број на црногорски млади играчи низ Европа.
Ристовски истакнува дека потребата да игра повеќе на терените била причина да потпише со клубот од Подгорица. Главниот „виновник“ за неговата преселба во Црна Гора е Мирко Мајиќ, добро познат ракометар на македонската спортска јавност.
„Во Црна Гора се чувствувам одлично, адаптацијата беше поприлично брза. Играчите, управата и луѓето сѐ со речиси ист менталитет и начин на живот како нас, па и не беше така тешко за адаптација. Трансферот во Будуќност се случи многу брзо, нивните два средни бекови се здобија со потешки повреди токму пред почетокот на сезоната и клубот беше принуден да бара алтернатива за да остане во трка за титулите во првенството и Купот. Голема улога имаше и Мирко Мајиќ, преку кого и управата стапи во контакт со мене. Клубот е релативно млад. Играчкиот кадар се базира на млади домашни ракометари, а просечната старост на екипата е околу 21 година. Поголемиот дел од играчите се младински репрезентативци и работат долго заедно под палката на Драшко Мрваљевиќ. Главен фактор за потписот со Будуќност беше приликата да одиграм голем број на минути и да покажам дека можам континуирано да играм на високо ниво.“
Средниот бек откри дека требало да биде дел од словачкиот Агро Тополчани, но трансферот не се реализирал.
„Пред трансферот во Будуќност, имав преддоговор со Агро Тополчани од Словачка. Бев во Словачка заедно со уште двајца ракометари од Македонија, но заради интерни проблеми и промени во клубот тој трансфер не се реализира. Немав понуди за камбек во Македонија, мене целта ми беше да ја продолжам интернационалната кариера.“
25-годишниот ракометар во Македонија има поминато низ различни тренерски филтри, беше дел од Борец, Вардар Неготино, Тиквеш и Металург РА.
,,Во времето поминато во домашните клубови се сретнав со огромен број играчи, дел домашни, дел странци. Секој со свој начин и гледање на играта. Се сретнав и со голем број тренери, а ако морам да издвојам некого, би ги издвоил Аце Станковски и Томе Петрески, од нив двајца научив многу за ракометна игра”.
Минатата сезона Ристовски ја помина во Франција, земја во која има регистрирано преку 600.000 ракометари. Таму беше дел од нисколигашот РОК Ајверон.
„Беше мал предизвик да се прилагодам на нивниот менталитет и начин на игра. Ние сѐ доживуваме премногу емотивно и си земаме сѐ на срце. После секој пораз за нас нема нов ден и сѐ е црно, додека таму и не е баш така. Секој по својот пат, а каков е резултатот и нема некое големо значење. Играта е пребрза, па во повеќето случаи немаш време ниту да се израдуваш или изнервираш. Вообичаено е да има преку 70 голови на натпревар и не се додава толку значење на одбраната. Се игра за гол повеќе. Имав прилика да работам со големо ракометно име и моментално дел од стручниот штаб на младинската репрезентација на Франција, па би рекол дека игравме малку поинаков ракомет од другите екипи во лигата. Условите таму се стандардни – топла сала, опрема и физиотерапевт. Француски морав да учам, бидејќи активности поврзани со клубот се одвиваат строго на француски, почнувајќи од тренинзи, презентации, промоции и различни клупски активности.“
Најголемата желба на велешанецот во кариерата е да заигра во најсилната лига на светот – Бундес лигата
„Мојот стил на игра би го споредил со кошаркарски плејмејкер. Класичен разигрувач кој создава шанси за сите соиграчи на теренот. Игра преполна со дуели и паѓање на глава. Предност за мене е мојата градба која ми дозволува брзина и промени на правец. Од останатите елементи, играта со пивот ми е омилена, нешто слично налик на Зарабец или Циндриќ. Како најголема цел и желба во кариерата, би сакал да одиграм барем една сезона во Бундес лигата. За мене Бундес лигата претставува врв на ракометот од секое можно гледиште.“
Тој направи паралела меѓу црногорскиот и македонскиот шампионат, истакнувајќи дека има огромна разлика, а присуството на Мирко Мајиќ во Будуќност бил важен фактор за клубот.
„Лигата овде не е на ниво на нашата Супер лига, има три до четири поквалитетни екипи, останатото е базирано стриктно на создавање и етаблирање на млади играчи. Интерес за ракомет секако дека има, посебно во последниве сезони, но сепак присутна е разликата. За нас ракометот е религија…Мирко Мајиќ е огромна поддршка за екипата и со неговото огромно искуство е важен фактор за сите, а советите се често конструктивна критика. Врвен играч и професионалец кој е пример за сите во клубот. Моментално работи и со младинските категории, па поголем дел од времето го поминува со нив.“
Главната цел на Ристовски е да се истакне на европска сцена и да оствари забележителни резултати.
„Навистина не знам што и како носи животот. Се надевам на добро здравје и малку среќа. За останатото би рекол ќе продолжам по својот пат и ќе се трудам да стигнам што е можно подалеку во кариерата. Слободното време во Подгорица го користам да прошетам, во дружба со соиграчите, гледајќи ракомет или да прочитам некоја книга.“