КК Тим Баскет пет години успешно функционира во работата со младинските категории, а главниот виновник за градењето на една ваква успешна приказна е основачот и тренерот Мартин Петковски, кој е поранешен младински репрезентативец на Македонија. Петковски во својата и тренерска кариера беше дел од неколку домашни клубови, најголемиот дел го поминува во МЗТ Скопје. Денеска Тим Баскет може да се пофали со бројка од околу 250 членови, а треба да се напомене дека овој клуб искучително функционира со младински селекии, па затоа можеби и поради бројката, но и поради гравитацијата во три скопски општини, Тим Баскет е препознатлив кај младата поулација во македонската престолнина.
Спортска Димензија направи разговор со Мартин Петковски за работата на Тим Баскет, неговото функционирање, резултатите, организирањето на мини-лигата, идните планови на клубот…
Што беше причината за основање на Тим Баскет и како сте задоволни од досегашното функционирање на клубот?
„Причината за основање на Тим Баскет не е дојдена преку ноќ, долго време работев како тренер во големите клубови во Македонија, собирав искуство и знаев дека еден ден ќе дојде до ова. Мојата цел како сопственик на клубот е да си докажам себе, но и на другите колку многу можеме да постигнеме со Тим Баскет. Клубот моментално функционира фантастично, секоја година така и оваа нашиот предизвик е да бидеме подобри од година во година.“
Во клубот моментално има 250 членови, на каков фидбек наидувате од страна на нивните родители?
„Овие бројки нас многу нѐ радуваат, тоа значи дека тренерите во клубот знаат како да си ја работат својата работа, фидбекот од родителите е за чиста 10ка…секогаш кажувам дека без нивна поддршка и ние нема да сме ова што сме во моментот, уште еднаш голема благодарност до сите нив.“
Распоредени сте во три скопски општини (Аеродром, Кисела Вода и Илинден), дали во иднина планирате да се проширите и колку е тешко, од финансиски аспект, да функционира еден кошаркарски клуб со млади категории во Македонија?
„Секако дека планираме да го опфатиме цело Скопје, но плановите е да сме присебни, односно да одиме чекор по чекор, секоја нова одлука е прво многу длабоко промислена, сепак, секоја таква одлука носи поголем предизвик. Мое мислење е дека не е воопшто тешко доколку правилно ги менаџираш работите.“
Тим Баскет е еден од клубовите кои во својот склоп организира мини-лига. Колку е важно секој клуб да има ваков вид на натпреварување?
„Во нашиот клуб дојде до идеја да ги вклучиме и најмладите во натпреварувачки систем, целта беше да знаат самите деца зошто доаѓаат на тренизите и на тој начин да им ја задржиме љубовта спрема овој спорт. Јас мислам дека е од голема важност секој клуб да си има мини лига за сопствените членови и ме радува што гледам дека сѐ повеќе клубови се вклучуваат во овој тренд на своја мини баскет лига, а тоа кој од кого видел и на кој прв му текнало не е ни важно, важно е кошарката во Македонија да оди напред.“
Оваа сезона се натпреварувате во М12 – мажи, како сте задоволни од резултатите?
„Од резултатите можам да кажам дека сме задоволни, моментално во нашата група сме второпласирани, што значи дека сигурно одиме во плеј-оф сегментот, момците во секој натпревар играат подобро и подобро, тоа мене ми преставува огромно задоволство.“
Кој се е вклучен во работата на клубот?
„Вклучени сме шест тренери во клубот, стручниот тим на тренери е составен од дипломирани професори по физичка култура и лица што во минатото се занимавале професионално со овој спорт, соработуваме беспрекорно, најпрво сме пријатели, па потоа колеги.“
Може да се каже дека им парирате на сениорските клубови кога е во прашање работата на социјалните мрежи – едитирање видеа, најавување натпревари, известувања… Како се справувате со оваа работа вон теренот?
„Искрено, понекогаш не ми се доволни 24 часа во денот за да ги завршам сите овие работи, но со многу љубов спрема тоа што го работам, разбирањето и поддршката од најблиските успевам во тоа.“
Постои ли формула за тоа како се создава играч и дали малите клубови како Тим Баскет можат да произведат играчи кои подоцна би можеле да бидат дел од младинските селекции на Македонија?
„Формулата за создавање играч мора да е обострана тренер/играч, според мене дисциплината и работната навика се главен фактор, кога тренерот и играчот ги поседуваат овие две работи успехот да не кажам дека е загарантиран, но од таму почнува сѐ. Јас сум убеден дека од Тим Баскет ќе излезат многу младински репрезентативци, но нема да зборувам многу за тоа, ќе оставиме времето да зборува.“
Што би им порачал на младите кои се заинтересирани да започнат со кошарка? Зошто да го одберат овој спорт и зошто Тим Баскет…
„Би им препорачал што побрзо да започнат со кошарка (се смее), поготово за најмладата популација, овој спорт има многу придобивки, пред сѐ здравите навики, социјализација, работата во тим што во иднина ќе им служат и за други работи во животот. Зошто Тим Баскет? Затоа што веќе работиме долги години во кошарката и со нашето искуство можеме да придонесеме за некое дете да дојде до одреден успех.“
Кој може да биде дел од Тим Баскет?
„Клубот е отворен за секое дете момчиња/девојчиња, имаме посебен тренер за дечињата од 3 до 6 годиншна возраст каде што можам да кажам дека интересот e голем. Границата на возраст во нашиот клуб е од 3 до 16 годишна возраст.“
Доколку сте заинтересирани да бидете дел од Тим Баскет, повеќе информации околу уписите може да најдете на нивните страни на социјалните мрежи – Инстаграм и Фејсбук.
*Фотографиите се сопственост на КК Тим Баскет