Екипата на Гостивар овој викенд во рамки од 14. коло од прволигашката конкуренција на свој терен ќе игра против Тиквеш и ќе атакува на 6-ти сезонски триумф. За избраниците на Малинков соочувањето со тимот од Кавадарци ќе биде од голема важност, со евентуална победа ќе ја подигнат формата и атмосферата пред следните предизвици во борбата за пласман во плеј-оф фазата. Гостивар во моментов можеше да биде подобро рангиран, моментално се наоѓа на 8. позиција.
Кошаркарот на Гостивар, Максим Митевски, верува дека неговиот клуб може да избори пласман меѓу најдобрите осум екипи, но и дека може да се надигрува со сите ривали.
„Дефинитивно очекувам да ја подигнеме формата за остатокот од сезоната и да се избориме за плеј-оф место. Гостивар е клуб, кој што припаѓа и заслужува да биде во тоа надигрување. Со добар пристап, тимска хемија и верба еден во друг, таа цел е лесно остварлива. Иако сме на осмата позиција, свесни сме дека можеме и многу подобро. Верувам дека секого можеме да победиме, а досегашните натпревари го докажаа тоа. Со оглед на тоа дека во неколку наврати крајниот исход беше проследен со пораз за мојот тим, сепак, за нас тоа претставува лекција од која секој пат извлекуваме поука.“
Младиот Митевски истканува дека најголем фаворит за освојување на титулата оваа сезона е актуелниот шампион МЗТ Скопје, а очекува Гостивар да го елиминира ТФТ во четвртфиналето од Купот на Македонија.
„Во моментов, најголем фаворит е МЗТ Скопје, бидејќи тимот е составен од играчи кои доста добро се познаваат меѓусебе и веќе со години играат заедно, како на репрезентативен, па така и на клупски план. Ќе биде доста интересна и неизвесна трка за тоа кој ќе му се спротивстави на минатогодишниот шампион. Секој Куп со себе носи и неизвесност. Честопати се случувало фаворитите да си одат дома поразени. Имаме доста квалитетни и искусни играчи, но и желба да го победиме ТФТ, со тоа што останува да го дадеме нашиот максимум и да се покажеме во најдобро светло.“

За Гостивар сега претстои период во кој ќе треба да го даде најдоброто од себе бидејќи го очекуваат соочувањата со Тиквеш, Пелистер, Куманово, МЗТ Скопје…
„Иако немаме лесен распоред, сепак, олеснителна околност е што голем број од преостанатите натпревари ги играме на домашен терен. Тоа секогаш не` мотивира и претставува предност за нас, бидејќи гостиварската публика е нашиот шести играч. Се надевам, и, првично посакувам сите да бидеме здрави, да бидеме во добра форма и да дадеме максимум од себе на преостанатите натпревари од оваа сезона.“
Поранешниот младински репрезентативец на Македонија минатото лето на своја адреса имаше понуди од неколку клубови, но тој одлучи да остане во Гостивар, клуб во кој што има голема доверба.
„Минатото лето имав многу понуди од други клубови и имав доста време да одлучам за наредната дестинација. Верувам дека некои работи се случуваат со причина и токму таква беше и одлуката да останам во Гостивар каде што се чувствувам како дома – место каде што имам одлична соработка, доверба и поддршка во секое време.“
Митевски, кој оваа сезона е еден од играчите со најголема минутажа во Првата лига, но и еден од играчите со добра реализација, истканува дека за младите играчи од голема важност е да имаат минутажа во своите екипи бидејќи само така ќе можат да стекнат големо искуство. Минатата сезона, исто така имаше забележителни партии, имаше просек од 10,4 поени и 4,8 скока по натпревар.
„Големата минутажа е клучна за напредок на сите млади играчи. Само така може да се стекне самодоверба и искуство за понатамошниот дел од кариерата. Круцијално е за сите млади кошаркари да имаат минутажа и улога во своите екипи, но и тренерите да имаат поголемо трпение и верба во младите таленти. Јас верувам дека можам многу повеќе да покажам. Голем критичар сум сам на себе и секогаш сакам да си поставувам нови предизвици и цели по кои ќе се водам во мојата кошаркарска кариера. Мојата добра игра се должи на моите соиграчи и стручниот штаб. Константната работа, посветеност и верба во себе, како дел од менталниот склоп, се главните причини за тој успех. Сепак, секогаш треба да поседуваме скромност, но истовремено и никогаш да не се задоволуваме од тоа што сме во моментот; важно е секогаш да се стремиме кон подобро и повеќе.“

24-годишниот кошаркар на Гостивар дел од неговата кариера ја мина во Работнички и МЗТ Скопје Уни Банка, во вториот тим од Аеродром созрева како играч и уште од тој период станува интересен за поголемиот број прволигаши.
„Како младински, а потоа и сениорски играч на Работнички, ги научив основите на сениорската кошарка. Недоволната шанса која ја добивав, ме натера да ја променам средината во МЗТ Уни Банка, каде што мојот талент дојде најмногу до израз. Минутажата и довербата која ја добив од тренерот и соиграчите во МЗТ, ми помогнаа да созреам како играч и да создадам име за себе. Тоа е клуб каде што младинските репрезентативци добиваат соодветна шанса да стекнат доволно искуство за во иднина токму тие да бидат носители на тимови во своите клубови, па и во репрезентација.“
Целта на Митевски е да стекне уште поголемо искуство, кое во иднина би му помогнало да започне интернационална кариера, додека негова желба е освојување на Куп трофеј, или пак титула на клупски план.
„Мојата цел е првично мое лично усовршување од натпревар во натпревар. Првично да бидам се` подобар и подобар, да учам од грешките и да бидам што подобра верзија од себе. Не сакам предвремени планови, но кариера надвор од Македонија е дефинитивно на прво место. Здравјето е секогаш на прво место. Без здравје ние не може да се занимаваме со оваа професија. Моја голема желба би била освоен Куп трофеј, или пак титула на клупско ниво.“
Неколку пати беше дел од поширокиот список на сениорската репрезентација, а во иднина се гледа како стандарден репрезентативец.
„Во иднина се гледам како стандарден член на нашата репрезентација, верувам дека со напорна работа и посветеност тоа ќе биде остварено. Иако минатиот репрезентативен циклус не бев избран и не бев ставен на скратениот список, сепак, тоа само ми дава дополнителна мотивација да го докажам моето место и талент во А тимот.“