Елена Тасевска: Кошарката е моја професија и тука нема место за ривалитет – Битола и битолчани секогаш имаат посебно место во моето срце!

623

Изминатиот викенд продолжија натпреварите од регуларниот дел од Женската кошаркарска лига, а еден од претендентите за освојување на титулата – Вардар беше слободен во 9. коло. Вардарки по освоениот Куп трофеј во Гевгелија имаа повеќе време да одморат и да се подготват за претстојните битки. Една од клучните алки во составот на Вардар, Елена Тасевска, во интервју за Спортска Димензија зборуваше за успехот во Гевгелија, очекувањата за вториот дел од сезоната, амбициите на Вардар, нејзината кариера во Македонија и на интернационална сцена, за женската македонска кошарка…Интересно е што младата Тасевска има освоени неколку вредни награди, една од нив е онаа во 2023 кога беше прогласена за најдобра македонска кошаркарка на годината. Тогаш на свеченото доделување на 28 декември, 2023, изјави: ,,Благодарам на моите тренери и селектори, ова е мое прво вакво признание и претставува еден мотив и поттик за понатаму”. Сега една година подоцна, Тасевска доби МВП признание во Купот.

ФОТО: kfsm.mk

Токму Вардар предводен од Тасевска дојде до својот 4-ти Куп трофеј во својата историја. Иако беше аутсајдер, сепак, тимот предводен од Александар Ашаданов покажа дека во Куп натпреварите нема фаворити. Тасевска одигра перфектно на Ф4 турнирот, во полуфиналето против Крива Паланка постигна 13 поени и имаше 8 скока, додека во финалето едноставно блескаше со 24 поени и 9 скока.

ФОТО: kfsm.mk

„Во Гевгелија бевме дојдени по трофејот. Точно е дека бевме “аутсајдери” во полуфиналето со Крива Паланка, па потоа и вo финалето со Баскет Кам, но уште еднаш се покажа дека во Куп натпреварувањата нема фаворити, сѐ се сведува на еден натпревар во кој топката е иста за сите. За освоениот трофеј пресудна беше нашата огромна желба, борба и мотивација да се дојде до златото. Секако дека наградата за најкорисен играч (МВП) е од големо значење за мене. Таа е само еден показател дека напорната работа и труд кога тогаш ќе се исплатат и претставува голем мотив повеќе за во понатамошниот дел од кариерата.“

Со оглед на ривалството меѓу скопјани и битолчани, посебно во ракомет и фудбал, нетипично е спортист/ка од Битола да заигра во вардаровиот дрес, но Тасевска вели дека тука нема место за ривалитет, а при трансферот во Вардар, нејзините пријатели знаеле да се пошегуваат на нејзина сметка.

„Мојата фамилија и моите најблиски ме поддржуваат во секоја моја одлука. Моето доаѓање во Вардар беше неочекувано на средина на сезоната, веднаш бев прифатена од девојките во Вардар, па така и успеавме да стигнеме до финалето баш против екипата на Баскет Кам. Кошарката е моја професија и тука нема место за ривалитет, го давам својот максимум за дресот кој го носам и клубот за кој во тој момент играм. Моите пријатели знаеа да се пошегуваат на моја сметка дека сум ја издала Битола (се смее), но се тоа било само шега, секогаш ме поддржувале каде и да сум решила дека треба да играм. Битола и битолчани секогаш имаат посебно место во моето срце.“

Битолчанката токму од Баскет Кам премина во редовите на Вардар во вториот дел од сезона 2023/24. Со тимот од Македонска Каменица освои три домашни титули, настапи и во АБА лигата стекнувајќи драгоцено искуство.

„Секој клуб има свои позитивни и негативни работи, па така и Баскет Кам. Таму играв три години, но работите тргнаа во правец кој не ми се допаѓаше, па затоа решив да си одам. Со Баскет Кам освоив три титули, а во последната моја првенствена титула бев и МВП. Секое натпреварување надвор од Македонија е голем плус за напредок, да се види реалната слика до каде сме, така и сезоната кога игравме АБА лига беше еден голем тест за нас во кое се стекнав со големо искуство и многу подобри натпревари за разлика од домашната лига.“

Уште на 15 години таа заминува да се проба во интернационалните води, поточно во италијанската екипа Стабиа. Трансферот во Италија за Тасевска претставува отскочна даска во кариерара, пред сѐ поради добрите услови кои ги имаат младинските екипи на Апенинскиот полуостров.

„Во Италија заминав на само 15 години без многу размислување. Во тоа време младинските лиги тука беа многу “сиромашни” со натпревари, тоа беше и главната причина зошто одлучив да одам. За разлика од тука, таму многу се вложува во младинските лиги, а младите играчи се третирани многу попрофесионално. Условите за тренинзи беа далеку подобри од нашите, таму сите беа максимално посветени на мене. Често кажувам дека да не се одлучев на тој чекор, којзнае дали уште би била во кошарката.“

Веќе неколку сезони на своја адреса има понуди од странство, но Тасевска моментално е фокусирана само на настапите со вардаровиот тим, најпрво посакува со своите соиграчки да ја остварат зацртаната цел за оваа сезона – освојување на дуплата круна.

„Моите планови најпрво сѐ со Вардар да стигнеме и до титулата во првенството. Тоа е нашата следна цел. Што се однесува до понуди за во странство, да имам некои понуди и клубови кои се заинтересирани за мене, сепак, останува да видиме по завршувањето на сезоната. Оваа сезона Вардар има големи амбиции за двојна круна. Како што кажав ова беше само почеток до исполнување на нашите следни цели. Имавме неколку дена заслужена пауза после Купот, по што веќе се вративме на терените и се подготвуваме за преостанатиот дел од сезоната.“

Женската репрезентација на Македонија пред извесен период ги заврши квалификациите за пласман на Европското првенство 2025, беше во група заедно со репрезентациите на Србија, Украина и Португалија, а на дел од натпреварите рамноправно се носеше со ривалите. Тасевска има јасна визија за развојот на женската кошарка во Македонија. Според неа, заинтересираноста за овој спорт е важна, бидејќи само така би можела да ,,живне” женската кошарка.

„Пред сѐ мислам дека треба да се започне од заинтересираноста кон женската кошарка од секој аспект. Да почне да се зборува за женската кошарка, да добиваме третман каков што заслужуваме и да се почуствуваме вредни што ја претставуваме нашата земја. Има голем напредок во изминатиот период, но не е доволна само желбата на играчите и тренерите за да се извлече максимумот. Се надевам дека во иднина повеќе ќе се обрнува внимание на женската кошарка и дека нивото ќе расте сѐ повеќе и повеќе.“

ФОТО:kfsm.mk

22-годишната Тасевска потекнува од школата на Јуниор од Битола, а нејзиниот прв тренер Предраг Созовски е заслужен за дел од нејзините достигнувања.

„Потекнувам од КК Јуниор, клуб на мојот прв тренер Предраг Созовски. Тренер кој секогаш бил тука за мене, секогаш ме поддржувал и тоа е така и ден денес. Дел од моите достигнувања денес се негова заслуга. Со оглед на тоа што во сезоната во 2023 година имав доста тешка сезона и две сериозни повреди по кои се вратив и ја освоив МВП наградата, а потоа и наградата за кошаркарка на годината, таа е една од наградите кои најмногу ми значат.“

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе