20-годишната голманка на Вардар, Марија Галачева, приреди вистинско голманско шоу на натпреварот против Астибо во рамки од 9. коло од плеј-офот на Женската лига. Вардар оствари убедлива победа со 53:20, а Галачева имаше 19 одбрани. Младата голманка на натпреварот само докажа зошто важи за една од најталентираните млади голманки во македонскиот женски ракомет.
Со брзи реакции и одлична поставеност меѓу стативите, Галачева буквално ги откажа гостинките. Таа имаше неколку одлични одбрани во ситуација „еден на еден“ и нејзината одличната партија не остана незабележана – специјализираниот ракометен портал „24 Ракомет“ ја стави меѓу трите номинирани за ѕвезда на 9. коло, што е само потврда за нејзиниот квалитет.
Вардар не треба да се грижи за својата голманска иднина, бидејќи покрај Галачева, тука се и Андреа Илиќ и Вероника Ѓорѓевска, кои со своите одлични настапи потврдуваат дека некогашниот шампион на Македонија е добра средина за развој, посебно за голманите. Сите три голманки работат под водство на Александра Кузмановска, која има и меѓународно искуство.