Машката ракометна репрезентација на Македонија со победата над Литванија од 26:17 (13:11) обезбеди пласман на Европското првенство 2026. Избраниците на Кире Лазаров на денешниот натпревар мораа да слават со најмалку два гола разлика за да завршат на второто место во првата квалификациска група, а до посакуваната цел стигнаа со убедливиот триумф, па на најдобар можен начин го завршија квалификацискиот циклус за континенеталниот собир следната година.
Најефикасни во репрезентацијата на Македонија беа Филип Кузмановски и Мартин Серафимов, двајцата имаа по пет погодоци. Мартин Томовски натпреварот го заврши со 11 интервенции, а Никола Митревски имаше четири.
Европското првенство 2026 ќе се одржува во три земји – Данска, Норвешка и Шведска.