„Металург Автокоманда јасно ги постави амбициите, а јас го прифатив предизвикот“

346

Една од поискусните ракометарки во Женската лига, Анастасија Николовска, од следната сезона ќе го носи дресот на вицепрвакот Металург Автокоманда. Левото крило од сезона 2021/22 беше дел од старо-новиот шампион на Македонија, Ѓорче Петров.

Со Ѓорче Петров, Николовска четири пати го освои шампионатот на Македонија и двапати го подигна трофејот во Купот, а имаше и солидни настапи на европската сцена.

Во разговор за Спортска Димензија, довчерашниот капитен на „лавиците“ зборуваше за причините што ја натераа да го избере Металург Автокоманда како своја нова дестинација, за времето поминато во Ѓорче Петров, како и за очекувањата од новиот клуб.

  • Што пресуди да го избереш Металург Автокоманда за следна дестинација?

„Во спортот е сосема нормално да има трансфери и промени на клубови, особено кога постојат одредени незадоволства. Тимот на Металург Автокоманда ме контактираше и морам да истакнам дека нивниот пристап, како и професионалноста на менаџментот, оставија одличен впечаток. Условите што ми беа понудени беа навистина коректни, а тоа беше и клучниот фактор за мојата одлука да направам промена.“

  • Кој ти е највпечатливиот момент од времето поминато во Ѓорче Петров?

„Навистина е тешко да се издвојат само неколку моменти од овие четири години што ги поминавме заедно. Пред сè, ќе ја паметам преубавата дружба и тимската сплотеност што не’ красеше во секој чекор. Стекнавме огромно искуство – и на домашната сцена, каде што две години по ред ја освојувавме двојната круна, а вкупно четири пати бевме шампиони, но и на меѓународно ниво, каде што во Европскиот Куп стигнавме до четвртфинале. Тоа беше значаен успех, како за нас како екипа, така и за македонскиот женски ракомет во целина.

  • Како би го опишала твоето време и одговорности како капитен во Ѓорче Петров?

„Како што спомнав и претходно, времето поминато во клубот беше исполнето со многу убави моменти, но и со предизвици. Улогата на капитен носи голема одговорност – да се исполнуваат обврските и да се гради позитивна и силна хемија во тимот. Верувам дека успеав во таа мисија, со оглед на резултатите што ги постигнавме заедно. Сè има свое време и своја убавина. Во сеќавање ќе ми останат многу драги моменти со девојките, со кои споделивме победи, труд и многу емоции. А најубавото е што голем дел од нив веќе се дел од новиот клуб во кој ќе ја продолжам својата кариера од следната сезона – што ми дава дополнително чувство на континуитет и нова мотивација.“

  • Дали се надеваш на нови титули и трофеи со новиот клуб?

„Во природата на секој спортист е постојаната желба за победа и стремежот кон нови успеси. Секогаш постои потреба да се направи чекор напред – и во кариерата и во личниот развој, надградувајќи ги достигнувањата од минатото.“

  • Што очекуваш од новиот предизвик?

„По природа сум личност што сака предизвици и не се плаши да се соочи со нив. Затоа со голем мотив влегувам во новата сезона, очекувајќи таа да биде успешна и плодна. Подготвена сум да го дадам својот максимум за остварување на зацртаните цели. Металург Автокоманда јасно ги постави своите амбиции, и јас целосно го прифатив предизвикот.“

26-годишната Николовска потекнува од школата на Кастратовиќ, потоа беше дел од Вардар Јуниор, а може да се пофали и со настапи за ѕвездениот тим на Вардар во домашната лига. Пред да премине во Ѓорче Петров, левото крило ги носеше дресовите на Пелистер и Чаир.

Освен Анастасија Николовска, тимот на Металург Автокоманда засега ангажираше уште три ракометарки од Ѓорче Петров, репрезентативките Ана Марија Коларовска и Ива Божиновска, како и интернационалката од Хрватска, Петра Јершек.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT