Поранешниот член на Еурофарм Пелистер, Матео Мараш, кој токму во битолскиот клуб го имаше првиот интернационален предизвик во својата кариера, направи трансфер од соништата и од Татабања се пресели во најбогатиот европски клуб – ПСЖ.
Токму „светците“ се едни од ривалите на македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во групната фаза од Лигата на шампионите, па Мараш со нетрпение го очекува дуелот против својот поранешен клуб и враќањето во Битола.
„Имаме интересна група, тука се и Загреб и Еурофарм Пелистер, што особено ми е драго, бидејќи ќе дојдам дома, а ќе се вратам и во Битола, каде што поминав убави денови. На прв поглед, Магдебург, ПСЖ, Барселона и ПИК Сегед се имиња кои звучат моќно, но тоа само по себе не значи апсолутно ништо, затоа што се покажа дека во Лигата на шампионите можеш да загубиш од апсолутно секој противник ако не играш на вистинско ниво. Секако, кај нас целта не е само да се мине групата и да се пласираме на Ф4, туку и да ја освоиме Лигата на шампионите – титула која никогаш не пристигнала во Париз, иако сите овие години клубот имаше многу моќен тим. Секогаш е важно да се има континуитет, што не е едноставно, бидејќи сезоната е долга, ја прекинуваат многу работи, а најлоши од сè се повредите“, изјава Мараш за хрватскиот портал „Спортске Јутарњи“.
ПСЖ во Битола ќе гостува во претпоследното коло од групната фаза, односно на 4/5 март, 2026.