Таневски и Стојкоски остануваат во Македонија Ѓорче Петров

410

Амбициозниот тим на Македонија Ѓорче Петров, кој во изминатата сезона заврши на третата позиција во Првата лига и за малку не избори пласман во суперлигашкиот бараж, полека го комплетира ростерот за новата натпреварувачка сезона.

Како дел од кадровското оформување, во клубот остануваат двајцата голмани – Никола Таневски и Давид Стојкоски. Тандемот што бранеше во изминатата сезона ќе продолжи да го чува голот на „лавовите“ и во новата битка за елитата.

Двајцата се покажаа во одлично светло, а со нови сили и јасни цели тргнуваат кон предизвиците што следуваат.

„Очекувањата за новата сезона се големи – целиме кон најмалку второто место и пласман во баражот за Супер лига. Останав во Ѓорче Петров затоа што мојата желба е токму со овој клуб да влеземе во елитата. Иако имав понуди од други клубови, одлучив да останам бидејќи верувам во тимот и знам дека заедно можеме да ја оствариме зацртаната цел за новата сезона“, изјави Таневски.

Неговиот колега Давид Стојкоски ја истакна атмосферата во клубот и потенцијалот на екипата како главни причини за продолжување на соработката.

„Ја продолжив соработката со Македонија Ѓорче Петров затоа што станува збор за млад и амбициозен тим со силен натпреварувачки дух и јасно поставени цели. Верувам во енергијата и посветеноста што владее во тимот, како и во потенцијалот на играчите со кои заедно ќе се бориме за секој бод. Оваа сезона очекувам да се вклучиме во сериозна битка за пласман во Супер лигата и да покажеме дека Македонија Ѓорче Петров има квалитет за највисок ранг. Со дисциплина, тимска игра и поддршка од нашите навивачи, сигурен сум дека можеме да стигнеме далеку и да оставиме силен впечаток“, рече Стојкоски.

Македонија Ѓорче Петров за новата сезона засега ангажираше две засилувања, средниот бек Бобан Петров од Борец ФЛ и десниот бек Дарко Рангелов од Скопје.

Сезоната во Првата лига стартува на 13/14 септември, а на самиот старт Македонија Ѓорче Петров ќе се соочи со Мулти Есенс, кој во изминатата сезона играше суперлигашки бараж, но не успеа да направи кам-бек во суперлигашкото друштво.

Порталот користи колачиња за да го подобри вашето искуство. Можете да се откажете во секое време. Прифаќам Повеќе

SPORT