Во периодот од 7 до 18 август, нашата земја повторно ќе биде домаќин на Европското кадетско првенство Б-дивизија, првенство на кое ќе учествуваат 22 репрезентации од целиот континент.
Пред почетокот на ЕП, Спортска Димензија разговараше со еден од најперспективните македонски кошаркари, Стефан Илиев, кој со голем оптимизам зборува за подготовките и очекувањата пред настапот на домашен терен.
„Атмосферата е навистина одлична, сите сме многу мотивирани и едвај чекаме да започне првенството. Работиме напорно на тренинзи, се фокусиравме како на тактичката, така и на физичката подготовка. Сите сме како едно семејство – си даваме поддршка и се бодриме меѓусебно“.
Избраниците на селекторот Нермин Пепиќ зад себе имаа добра подготвителна програма, одиграа неколку контролни натпревари и учествуваа на Европскиот младински олимписки фестивал (EYOF), каде се соочија со силни репрезентации од А-дивизијата, како Франција, Турција, Летонија…Токму тие натпревари беа од исклучително значење за зголемување на тимската хемија и самодовербата.
„Секако дека многу ни помогнаа тие натпревари. Кога играш против силни репрезентации, гледаш колку треба да се вложува за да бидеш на повисоко нивo. Во Куманово добивме големо искуство и сега чувствувам дека сме многу посигурни во себе. Знаеме што не очекува и подобро сме подготвени“.
Во групната фаза, Македонија ќе се соочи со Словачка, БиХ, Полска, Ирска и Кипар, ривали кои се „ни ваму, ни таму“.
„Групата не е лесна. Сите селекции имаат квалитет и не смееме никого да потцениме. Полска и БиХ ми изгледаат најнезгодни, бидејќи имаат традиција, како и физички силни играчи. Но, и останатите селекции имаат свои адути. Со стручниот штаб направивме анализа на секоја репрезентација и знаеме точно што треба да играме. На хартија можеби Ирска изгледа полесен ривал, но на вакво првенство нема лесни натпревари“.
Првиот натпревар Македонија го игра против Кипар, а според Илиев, стартот секогаш носи посебен набој, и трема и голема мотивација.
„Првиот натпревар секогаш носи трема, но и најголема мотивација. Сакаш да покажеш што можеш уште од старт и да ја кренеш енергијата во тимот. Ќе дадеме сѐ од себе уште од првата минута. Многу сум возбуден и горд што ја претставувам Македонија, и тоа пред наши навивачи. Се надевам дека ќе постигнеме добри резултати и ќе ги израдуваме сите што ќе дојдат да не бодрат“.
Илиев упати порака до навивачите и љубителите на кошарката.
„Сакам да ги поканам сите љубители на кошарката да дојдат и да не поддржат. Многу ни значи кога ја чувствуваме публиката позади нас. Во Куманово беше супер, но сега, во Скопје, очекувам уште поголема поддршка. Ќе дадеме сѐ од себе да ја претставиме Македонија најдобро што можеме!“
Македонија сите натпревари од групната фаза ќе ги игра во големата сала во СЦ „Јане Сандански“, и сите ќе започнуваат во 18:30 часот. Влезот за сите љубители е слободен.
Распоред на натпревари на македонската репрезентација:
07.08, 18:30, Македонија – Кипар
08.08, 18:30, Македонија – Ирска
09.08, 18:30, Македонија – Полска
11.08, 18:30, Македонија – БиХ
12.08, 18:30, Македонија – Словачка